Облека и обувки со попуст до 70 отсто и бесплатна достава – звучи примамливо ама и реално ако се има предвид дека се повеќе наши сограѓани го користат интернетот за набавка на евтина гардероба од странство. Она што во Европа и САД одамна е тренд, полека станува и во Македонија. Пошта 2 во Скопје е единственото место во државава каде од цел свет пристигнуваат пратките што македонските граѓани, претежно помладата популација го порачува од странските сајтови за онлајн продажба. Тука пристигнуваат и пакетите со подароци испратени од нашите сограѓани од странство.
Во Пошта покрај поштенските работници работат и цариници чија обврска, согласно царинските закони е, да ги прегледаат сите пратки и да утврдат дали подлежат на царинење и данок.
– Доколку пратката содржи производ чија цена е до 22 евра тогаш за него не се плаќа ДДВ ниту царина, а ако има вредност до 45 евра ослободена е од царина, но не и од ДДВ, а за секоја пратка над 45 евра се плаќа царина, согласно царинскиот тарифник како и ДДВ, велат од Царинската управа на Македонија.
За нивната работа главно нема поплаки, односно претежно граѓаните што очекуваат пратка се јавуваат во Царина да прашаат зошто доцни, но тоа не е до нив.
Станува збор за меѓународен поштенски сообраќај, за големи поштенски центри од каде се разнесуваат пратките до помалите земји, како Македонија и ако некој потфрли, предизвикува нервоза кај нашиот нарачател.
Купување од фотелја, исчекување со денови
Токму исчекувањето на пратката е најтешкиот дел од секое интернет порачување.
– Ми требаат помалку од 5 минути да го порачам производот. Уплаќам со картичка и за кратко време добивам меил потврда дека нарачката е прифатена и платена и тогаш имам два часа да се предомислам бидејќи таа веќе е тргната на пат кон Македонија, вели Ана.
Таа преку интернет досега нарачала фустан, ланче, а деновите ги очекува и штиклите за кои смета дека платила багателна цена.
– Во Скопје и покрај сите продавници и брендови се ретко наоѓам време за шопинг со моите работни обврски, па полесно ми е вака, да седнам навечер пред компјутер, да разгледам што има ново, убаво и евтино и да си го порачам, објаснува таа.
Нервозата додека се бара соодветното парче гардероба за замислената модна комбинација низ скопските дуќани, престанува бидејќи пред компјутерот се е кристално јасно, од цената, димензиите, боите па и заштедата на пари во однос на првичната цена на производот.
– Фустанче за 7 евра, обетки за 3 евра, штикли за 10 евра, е комбинација за оваа цена нема по бутиците, вели Весна, уште една млада скопјанка која обожува да се облекува преку интернет и е задоволна што нарачаните производи ги добива за десетина дена. Вели, некогаш и требале и две недели шетање низ град додека пронајде три соодветни парчиња гардероба.
Дека и мажите почнуваат да се облекуваат онлајн, зборува Бојан кој често нарачува фармерки од сајтовите кои отпрвин, кога ќе се појават се премногу скапи, често од 200 до 300 евра, а потоа кога ќе ги пронајде намалени за 30-40 евра обавезно ги порачува.
Стравот е голем, ама трендот расте
Интернет трговијата е во постојан пораст, но не на она ниво какво што е во светот, констатираат од Царина со оглед на тоа дека кај нашите сограѓани постои страв дека кога се пазари со кредитните картички може да се празнат сметките. Засега такви поплаки нема, но повеќето се повнимателни кога им се работи за сопствената сметка. Оние пак што еднаш пробале да пазаруваат гардероба онлајн, веќе имаат цел плакар дома со парчиња што им стигнале преку пошта.
Државата односно органите мора да внимаваат да нема злоупотреби преку овие порачки па наместо да завршуваат во домашен амбиент, порачани производи да висат во некој бутик. Заштита од нелојална конкуренција, од неконтролиран увоз и кршење на интелектуалната сопственост се сегментите кои ги брани царината.
Најмогу онлајн пазаруваат Британците (82%) , а нешто помалку зад нив се Данците и Швеѓаните, Германците и Финците. Најмалку пазаруваат преку интернет Романците, Бугарите, Естонците и Италијанците.
Повеќе на Лидер.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.