Од минатата недела граѓаните во аптека и во болница поевтино ќе плаќаат за уште 752 лека. Поевтинување има за терапијата речиси за сите заболувања. За две години ова е четврто намалување на максималните цени и на оригиналните и на генеричките лекови. Во овој период едни исти лекови поевтинија неколку пати. Заштедата за граѓаните,болниците и аптеките за овие две години изнесува околу 30 милиони евра. Овие пари досега завршувале во џебовите на компаниите и дистрибутерите на лекови, се вели во опширната анализа на порталот Здраство24.
Лековите во земјава драстично почнаа да се намалуваат од 01.02.2012 година. Тогаш почна да се применува новата Методологија донесена од Владата на Р.Македонија за начинот за формирање на цените на лековите, која е една од најзначајните и најкрупните реформи во фармацевтскиот сектор,а бенефитите веќе ги чувствуваат сите граѓани во земјава. При првото усогласување на цените на лековите беа намалени цените на 1.792 лека или со просечно намалување на цените од 28,13%. Минатата година во февруари поевтини терапијата за различни болести – крадиоваскуларни, респираторни, за лекување епилепсија, остеопороза, за хормони итн.
-Од започнувањето со примената на новата Методологија каде од вкупно 2178 генерички лекови кај 47% или 1,025 лека имаше намалување на
-Кај иновативните лекови од 766 регистрирани кај 74% или кај 577 лека имаше намалување на цените.
Вкупните заштеди во здравствениот систем од првото намалување изнесуваа 17.000,000 евра, кои заштеди се однесуваат и на јавните здравствени установи односно на болниците, но и директни заштеди на самите граѓани.
Второто намалување на цената на лековите се случи на 15.10.2012г и притоа се намалија цените на 346 лека. Од нив, 139 – иновативни лекови каде намалувањето се движеше од 1 до 60% или просечно, намалувањето изнесуваше 8,6%. Годишната заштеда во однос на прометот на овие лекови изнесуваше 1 000 000 евра. Кај генеричките лекови се намалија цените на 207 лека и претходното намалување беше од 1-70% или просечно 15,23% и според вкупниот промет на годишно ниво кај овие лекови со посочените намалувања заштедуваат 2.800 000 евра.
Третото намалување на цените на лековите беше на 15.03.2013г, кога се намалија цените на 202 лека од кои 92 иновативни и 110 генерички лекови.
Кај иновативните препарати, намалувањето се движеше од 1 до 66% или просечно 16,04%. Намалени беа цените на лековите за речиси сите болести, но најмногу за онколошки заболувања, лекови против алергија, за белодробни заболувања, за остеопороза, хормони, за емотивни заболувања, лекови за кардиваскуларни заболувања, дел од антибиотиците, препарати за лекување на гастро заболувања итн.
До тогаш за само година дена по трите усогласувања на цените согласно новата Методологија за одредување на цените на лековите заштедени се 23.200 000 евра.
Четвртото намалување на цената на лековите е од вчера пред полноќ. Намалени се вкупно 752 лека или 337 иновативни лекови и оригинатори, како и 415 генерички лекови.
Најголемо намалување во проценти има кај максималните цени на следните лекови:
-SPIRIVA RESPIMAT (81.72 %) – за лекување на астма и хронични обструктивни болести
-PLAVIX (54.83 %) – антикоагуланс
-CELEBREX (51.27 %) – антиревматски лек
-NEUPOGEN (48.12 %) – имуномодулатор
-MORFIN HIDROHLORID ALKALOID (45.65 %) – јак аналгетик
-XATRAL (45,50 %) – лек за простата
Најголемо намалување во денари се јавува кај лековите:
-Tarceva од 100 и 150 мг (антинеопластик) – има намалување за 15 илјади денари
-TYVERB од 250 мг (антинеопластик) – има разлика во цена од околу 11 илјади денари
-SPIRIVA RESPIMAT 2.5 микрограми (лек за хронична астма) – разлика во цена од 8.700 денари
-FLUDARA од 10mg (антинеопластик) – разлика во цена од 6 илјади денари
-COPEGUS 250 мг (антивирусен лек)- разлика во цена околу 7.400 денари.
Надлежните најавија дека лековите и во иднина ќе поевтинуваат. Станува збор за континуирано намалување на цените и тоа на секои шест месеци, односно два пати годишно во октомври и март. Со ова во Македонија се постави кредибилен систем за регулирање на цените на лековите кој функционира и дава резултати,а најава дека ќе го следат овој наш систем има и од неколку земји од регионот.Новата Методологија се покажа како добар водич за формирање на цените на лековите во споредба со 12 земји од Европа од кои 8 се членки на ЕУ – системот досега функционира беспрекорно и нема дефицитарност од лекови. Ниту една компанија не ги повлече производите од македонскиот пазар.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.