| четврток, 6 декември 2018 |

Украина ја откачи ЕУ – Брисел шокиран

ukraina rusija eu

Украина ги прекина подготовките за договорот за асоцијација со Европската унија, чие потпишување беше во агендата на европската средба во Вилнус, закажана за 28 и 29 ноември.
Премиерот на Украина, Николај Азаров, издал декрет за прекин на процесот за подготовка на договорот за асоцијација меѓу Украина и Европската унија со цел обезбедување на националната безбедност, обновување на економските односи со Русија и подготовка на внатрешниот пазар на Украина за рамноправни односи со ЕУ.

Брисел изрази разочарување од одлуката.

– Ова е разочарување не само за Европската унија, туку и за народот на Украина – изјавила високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Кетрин Ештон.

Ние веруваме дека иднината на Украина е во силните врски со ЕУ и цврсто го поддржуваме украинскиот народ, кој би имал најголема корист од пристапниот договор, додала Ештон.

Министерот за надворешни работи на Литванија, земјата-претседател со ЕУ во моментов, Линас Линкјавичус, изјавил дека Европската унија очекува појаснување од Киев.

– Ние не ја разбираме одлуката на Украина. Ќе чекаме. Политичкиот живот е интензивен и многу динамичен – истакнал Линкјавичус.

Претставниците на мисијата на Европскиот парламент во Украина, Пит Кокс и Александар Квашниевски, од своја страна го повикаа претседателот Виктор Јанукович да ги исполни своите ветувања за реформирање на обвинителството и за усвојувањето на законот за третман на осудените надвор од границите на земјата.

Британскиот министер за надворешни работи, Вилијам Хејг, изјавил дека одлуката на Украина да ги прекине подготовките за потпишување на пристапниот договор со ЕУ е пропуштена можност.

– Тоа е пропуштена можност. Вратата останува отворена, а потписот е во рацете на Украина. Велика Британија останува уверена во европската иднина на Украина – изјавил Хејг.

Европскиот комесар за проширување, Штефан Филе, по оваа одлука ја откажа посетата на Украина.

– Со оглед на последните настани, комесарот Штефан Филе ја откажа својата посета на Украина – велат од неговата канцеларија.

Сепак, Филе ги уверил лидерите на украинската опозиција дека ЕУ продолжува да биде ангажиран за украинскиот народ поканувајќи ги на средбата во Вилнус, на крајот на ноември.

Од гледна точка на Вашингтон, Киев и Брисел, Украина сѐ уште има доволно време да ги отстрани сите останати пречки и да потпише договор за пристапување на средбата на високо ниво на ЕУ во Вилнус.

Претседателот на Комитетот за меѓународни прашања на рускиот парламент, Михаил Маргелов, го нарече украинското решение за престанок подготовките за потпишување на пристапниот договор со ЕУ „сензација“.

– Она што се случи е неоспорна сензација ако се земе предвид она што беше изговорено и дури извршено поради потпишувањето на договорто со ЕУ – рекол Маргелов.

Прогнозите дека во последен момент Украина ќе потегне чекор назад се покажаа вистинити, додал тој.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top