| четврток, 6 декември 2018 |

Четковиќ: На „Евровизија“ ѝ недостигаат добри песни

Денеска и официјално е потврдено дека Сергеј Четковиќ ќе ја претставува Црна Гора на „Евровизија“. На прес-конференцијата во Подгорица беше соопштено дека пејачот и композитор ќе биде и автор на песната со која ќе ја претставува земјата на 59. издание на европскиот фестивал.

– За мене беше задоволство да ја прифатам поканата на РТВЦГ и чест ми е што јас ќе ја претставувам Црна Гора на „Евровизија“. Се разбира, ќе дадам сѐ од себе за да се претставиме на најдобар можен начин. Мојот тим на продуценти и јас внимателно следевме сѐ што се случува на европската музичка сцена. Веќе на големо работам на текстот и на композицијата. Се надеваме на влез во финале, што за мене е добар пласман. Песната ќе биде достапна на повеќе јазици. На тој начинќе ја приближиме повеќе до, да речеме, некој Италијанец, Французин, Англичанец… Во секој случај, ќе имаме многу работа бидејќи сакаме добар пласман. Мојата работа е да направам добра песна бидејќи мислам дека токму тоа е она што недостига во последниве години на фестивалот – рече Четковиќ додавајќи дека ова е нова страница во неговата биографија и уште еден предизвик во неговата четиринаесетгодишна кариера.

– Засега имаме некои демоснимки и неколку рефрени, но како ќе звучи конечната верзија сѐ уште не се знае точно. Она по што се водиме е песната да го привлече вниманието уште по првиот такт – додаде Четковиќ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top