| четврток, 6 декември 2018 |

Иванов: Борба против говорот на омраза на интернет, без ограничување на изразувањето е неопходност

иванов мануГоворот на омраза е повредување на правото на човечко достоинство. Омразата на дело, пак, води до повредување на основните човекови права. Затоа борбата против говорот на омраза е дел од мисијата за заштита и за промовирање на човековите права, истакна претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, пред присутните на Националната конференција за политички и меѓурелигиски дијалог и култура на толеранција.

Пред само три дена, посочи претседателот, Република Македонија беше избрана за членка на Советот за човекови права на Обединетите нации.

– Тоа е признание, привилегија, но и голема обрвска. Континуирано и на дело, Република Македонија се залага за заштита и за промовирање на човековите права и правото на човечко достоинство – оцени Иванов.

– Неопходно е создавање механизми за борба против говорот на омраза на интернет без ограничување на слободата на изразување. Потребно е исправно сфаќање на слободата и на нејзините граници. Границите на слободата на изразување се исцртани со слободата на другите луѓе и со нивното човечко достоинство. Тоа се граници исцртани со меѓуетничката и со меѓурелигиската толеранција, почит и прифаќање – рече Иванов.

Претседателот на МАНУ, Владо Камбовски, рече дека правото на толеранција, подразбирајќи потполно уважување на постојните разлики меѓу луѓето врз национална, етничка, верска, политичка, социјална или која и да е друга основа, подразбира дијалог и разбирање, но и должност за нетолеранција кон каква било неправда, дискриминација или насилство кон другиот.

– Во мултикултурното и плуралистичко општество, какво што е македонското, политиката, религијата, средствата за масовни комуникации, образованието и другите општествени координативни фактори, се должни да го уважуваат правото на толеранција и да ја поддржуваат и шират културата на толеранција како претпоставка за почитување и остварување на основните човекови слободи и права – вели Камбовски.

Директорјата на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи, Валентина Божиновска, рече дека со векови Република Македонија е културолошки автентична и токму заради различните религии создаваше една огромна традиција. Таквата традиција, нагласи таа, не дозволи да дојде до уништување на културата и на духот на нацијата.

– Овие скапоцени вредности кои ги зачувавме токму заради различните вери нѐ вброи како редок пример на европската духовна престолнина и цивилизација. Токму нашето заедничко македонско живеење го темелиме на високо ниво на свест и свеста за другите е столб на различностите на верата – додава Божиновска.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top