Никола Ристановски во уште една главна улога. Почна снимањето на долгометражниот игран филм „Медена ноќ“ по сценарио и режија на Иво Трајков, а главната женска улога ѝ припадна на Верица Недеска. Трајков е професор на филмската академија ФАМУ во Прага и амбасадор на македонската култура во Република Чешка. Проектот е финансиски поддржан од Филмскиот фонд на Република Македонија и претставува копродукција меѓу Македонија, Чешка и Словенија.
Се работи за приказна која се одвива во текот на една ноќ од животот на една брачна двојка, на десетгодишнината од нивниот брак. Дејството се случува во Скопје во 90-тите години од минатиот век и следи две наративни линии, едната поврзана со брачната криза на главните протагонисти, а другата со професионалниот ангажман на главниот машки лик.
Приказната е инспирирана од новелата „Уво“ на Јан Прохаска, еден од најдобрите чешки сценаристи на сите времиња.
Во фимот се појавуваат чешките актери Криштоф Хадек и Јитка Шнајдерова, како и голем број македонски актери: Александар Микиќ, Рефет Абази, Митко Апостоловски, Сашко Коцев, Игор Ангелов, Тони Наумовски, Сабина Ајрула, Владо Јачев, Диме Илиев и други.
Директор на фотографија е Милорад Глушица, сценограф Иван Бартлинг, костимограф Жаклина Крстевска, а музиката е на Тони Китановски. Продуцент на филмот е Роберт Јазаџиски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.