| четврток, 6 декември 2018 |

СДСМ ја обзнани социјалната програма на партијата

FOTO Izjava SDSM ZОсновна цел на новата програма на СДСМ е враќање на средната класа во државата и подобрување на условите за живот на сите граѓани, посочи лидерот на СДСМ Зоран Заев на презентацијата на партиската програма во делот на социјалната политика, при што беа дадени предлог-мерки и решенија за подобрување на животниот стандард и на социјалнозагрозените граѓани, сиромашните и останатите ранливи групи.

Можност за докуп на стаж и воведување државна социјална пензија; за граѓани кои се постари од 65 години, но кои не примаат пензија бидејќи не го исполнуваат законскиот минимум, СДСМ предлага на оние граѓани на кои им недостасуваат до 5 години работен стаж за да стекнат право на пензија, ќе им овозможиме да извршат докуп на тој стаж.

– Оние коишто нема да извршат докуп на стаж и не се корисници на каква било парична помош од државата, владата на СДСМ ќе воведе државна социјална пензија. На почетокот таа ќе биде во висина од 40% од просечната старосна пензија – истакнува Заев.

СДСМ ќе овозможи заминување во пензија со 35 години стаж за жени и 40 години за мажи:

СДСМ ќе овозможи враќање на старото решение. Така, ќе се создадат 2 услови за стекнување на право за пензионирање: врз основа на старост (постојно решение) и врз основа на работен стаж (ново, дополнително) решение.

Новини во однос на определувањето на висината на пензијата

Висината на пензиите ќе зависи повеќе од промената на трошоците на животот, а помалку од промената на платите.

– Владата на СДСМ ќе воведе „пензионерска потрошувачка кошничка“, која ќе служи како основа за следење на трошоците на животот на пензионерите. Наместо постојното решение за усогласување на висината на секои шест месеци, висината на пензиите ќе се усогласува на секои три месеци- додава Заев.

Владата на СДСМ ќе ја зголеми социјалната помош за 40% во рок од 4 години;

– Секоја година, владата на СДСМ ќе ја зголемува социјалната помош по 10% годишно. Во рок од четири години по доаѓањето на власт, тоа ќе значи зголемување на висината на социјалната паричната помош за 40 проценти- објаснува Заев.

Идната влада на СДСМ ќе донесе посебен закон за правата на лицата со посебни потреби;

Со тоа ќе бидат решени повеќе проблеми со кои се соочуваат тие граѓани: од решенија за проблемите со кои секојдневно се соочуваат во облик на физички бариери, административните бариери и обасправеноста, преку нивното работно ангажирање, па сè до нивно поголемо вклучување во сите општествени текови.

– Од сите наведени мерки, секако и од многуте други кои ги планираме, станува јасно дека за нивното остварување ќе бидат потребни значителни финансиски средства. Меѓутоа, ние сме убедени дека во држава во која владата има искрени намери да води подеднаква грижа за сите граѓани во рамките не буџетот има многу можности за подигање на достоинството и квалитетот на животот на овие категории граѓани. И второ, ние сакаме јасно да покажеме дека идната влада на СДСМ ќе има директен интерес за брзо наоѓање на работен ангажман за социјално загрозените граѓани, со што ќе дојде до трајно намалување на социјалните давачки до нивно одржливо ниво- порача на прес конференција претседателот на СДСМ Зоран Заев.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top