Мистериозно, но и предупредувачки, знакот со четири прсти и превиткан палец, наречен „рабија“ почна да се појавува на разни места низ Скопската чаршија. Станува збор за нов симбол, кој, наводно, го означува масакрот на протестантите од август годинава, повеќето припадници на Муслиманско братство, на каирскиот плоштад Рабија ал-Адавија (од каде што, наводно, овој симбол го добил името – на англиски наместо А стои бројот 4).
Но, главното прашање во нашава тема е дали најавите за ескалација на радикалниот ислам, кои со години доаѓаа од сите страни, добиваат своја, веќе забележлива реализација? Муслиманското братство, една од најекстремните исламски организации, за кое се врзуваше познатиот скопски теолог и заменик-командант на муџахединската единица на поранешната ОНА Бекир Халими, извесно е дека има свој разгранок во Македонија. Оваа организација добива поголема сила и поради поддржувачите на турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган во Македонија (а кои ги има во голем број), единствениот странски политичар што отворено застана на страната на Муслиманско братство и сега отпоздравува со знакот „рабија“.
Прво да видиме што се случува кај нас во моментов, а потоа и влијанието што доаѓа од Блискиот Исток, северна Африка и Мала Азија.
Момците со долги бради и албанскиот вестернизам
Внимателните и сосема обични набљудувачи, можеби, сѐ уште не го виделе знакот на „рабија“ по ѕидовите на старите дуќани во чаршијата, но, секако, забележале дека нешто злокобно се случува на потегот Чаир, Јаја-паша, Стара чаршија. Досега сигурно ги забележале момците со долги бради и со зелени куси панталони како се шетаат по овие места. Ги виделе и на Бит-пазар, посебно во делот каде што се продава разновидна техника, како занесено го читаат Куранот напишан на арапски. Во чаирските основни училишта, сигурно, забележале девојчиња во бурки или со шамии. Сите овие појави се нови на нашево поднебје.
Секако, ова не значи дека сите овие млади луѓе се исламски екстремисти. Познато е дека верата кај Албанците е повеќе дел од националниот идентитет одошто некаква верска припадност во смисла што ја сфаќаат муслиманите од Азија и од Африка. Но, тогаш зошто има појава на исламски екстремизам меѓу албанската популација (кои се и најмногубројни муслимани во Македонија), кога кај нив, пред сѐ, доминираат западните вредности, односно се крајно проевропски и проамерикански оринетирани? Токму организациите како што се Муслимански браќа се антипод на Западот и секоја пописмен Албанец знае што значи за неговиот народ да влезе во судир со Европа и со САД.
Нашите соговорници од разузнавачкото милје, кои конкретно се занимаваат со оваа проблематика, ни повторија дека станува збор за внатрешна брутална војна за наметнување власт. Со пари од Блискиот Исток, малкуте екстремисти во Македонија сакаат да им се наметнат на младите Албанци. Но, дискутабилно е со колкав успех го прават тоа.
Муслиманските браќа и Турција
Во целава приказна, особено значење има Турција. Сепак, прво да видиме кои се Муслимански браќа.
Друштвото на муслиманските браќа, како што оригинално се нарекува, е основано во Египет во 1928 година како верско и образовно движење на муслиманите од Хасан ал Бана. По Втората светска војна достигнува двомилионско членство. Се залага за исламско уредување на општеството спорден шеријатот. Подоцно од научно-верско движење преминува во милитаристичка организација за која се знае дека е основач на Хамас. Поради ова режимот на поранешниот египетски диктатор Хосни Мубарак го забрани и му го заплени целиот имот. Муслиманско братство беше ударната тупаница на насилните протести со кои беше соборен Мубарак. По неговиот пад, организацијата беше легализирана, учествуваше на претседателските избори во Египет на кои победи со својот кандидат Мухамед Морси. Истиот тој Морси сега е соборен од неговиот министер за одбрана, кој заедно со опозицијата (и со помош на војската) направи пуч против него. Во Египет се чини дека народот е со тие што направиле пуч откако сфатија дека целта на Морси и на браќата е да создадат верска држава. Поради забраната, Муслиманско братство го смени името и сега се викаат Партија на слободата и на правдата. Го сменија и симболот, па сега место Куранот и двата вкрстени меча на нивното лого, го користат симболот „рабија“. Самиот знак, според интернет-страницата на „рабија“, се тврди дека има религиско значење за муслиманите. Жолтата боја во заднината ја означува Златната купола во Ерусалим, а црната рака со четири прста и свиткан палец означува четири од четири. Се мислело на Рабија ал Адавија, исламска верска личност, која така била наречена затоа што била четврто дете во семејството и по која е наречен плоштадот во Каиро каде што се случил масакрот. Меѓутоа, меѓу другите толкувања е и тоа дека симболот го означува и „географското право на исламски калифат“.
Дополнително, познатиот стручњак за симболизам, невообичаени обичаи, ритуални убиства и верско насилство, Дон Перлмутер, вели дека симболот има длабока врска со целите на исламот. Тој вели дека не станува збор за некаков симбол на мирот, туку симбол на отпорот, исламизмот, мачеништвото и визуелен повик за оружје. Црната рака и силната жолта боја во заднина, личат на знаци за опасност на автопат, смета Перлмутер.
Посебно место во целата приказна има Турција. Прво и основно се верува дека симболот е изработен во Турција, чијашто влада е единствената што цврсто стои зад Муслиманско братство. Премиерот Реџеп Таип Ердоган е единствениот политичар што јавно го поддржува братството. Ердоган дури и отпоздравува со овој симбол. Тоа го усвоија и фудбалерите на Галатасарај, па и тие сега ги покажуваат четирите прста.
Турскиот премиер, кој е на власт уште до 2003 година, е една од највлијателните личности во поширокиот регион, вклучувајќи и кај балканските муслимани. Турција доживеа економски процут под негово водство. Неговата Партија на правдата и на развојот во минатото беше квалификувана како исламистичка и беше во постојан судир со турската армија, бранител на секуларноста во Турција. Сепак, Ердоган беше пофален дури и од американскиот претседател Барак Обама поради својата умереност, но сега, особено по протестите против него во Истанбул, како да почнаа да доаѓаат исламистички тонови од најуспешниот турски премиер. Токму Ердоган е особено популарен кај муслиманите овде, кои дури организираа и демонстрации во Скопје за негова поддршка.
Сето ова создава една нова и чудна атмосфера со исламскиот екстремизам во државава. Би рекле атмосфера на внатрешен конфликт меѓу умерените и екстремните.
Од победникот во таа битка зависат многу работи на Балканот.
текстот е објавен во неделникот Република од 1 ноември 2013 година
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Ердоган и Бојко Борисов ја отворија „Железната црква“ во Истанбул
-
Обезбедувањето експресно реагираше: Maж се качи на бината и го фати Ердоган за рацете (видео)
-
Ердоган: Ако најдете мои сметки во странство, ќе поднесам оставка
-
Средба Ердоган – Путин: Односите меѓу Русија и Турција се целосно обновени