Македонија игра според правила но, не може да прифати правилата кои што важат за сите останати, да не важат за нас или да се менуваат во движење – порача денеска шефот на дипломатијата по средбата со неговиот полски колега Радослав Сикорски.
Никола Попоски, кој во Минхен го придружува претседателот Иванов вели дека постои реална опасност случајот со Македонија да им даде лоша идеја на сите членки на Унијата во иднина ветото да го користат почесто.
– Од македонски аспект го потенциравме фактот дека во долг временски период сите оние услови кои нормално се поставени за сите земји членки се остварени од РМ и оти принципиелно би било, според истата логика според која се одвивало досегашното проширување, односно врз принципи и правила, да се почитува и во македонскиот случај, да спречиме каков било процес што би го направило блокирањето атрактивен спорт во балкански контекст – објасни Попоски.
По реакцијата на бугарското МНР, кое средбата со бугарскиот колега Младенов ја оцени како конструктивна, и македонската страна денеска со умерени тонови кон Софија. Попоски очекува дека според тоа што му било кажано Македонија наскоро ќе ја врати поддршката од Бугарија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


