Предлог-Буџетот на Собранието на Република Македонија за 2014 година изнесува 688,3 милиони денари од кои 665,6 од буџетската сметка, а останатите средства од донации.
За плати, наемнини и надоместоци предвидени се 258,3 милиони денари, нешто пониско од лани. За стоки и услуги 190,8 милиони денари што, според претставничката на Министерството за финансии, е зголемување за 12 проценти во споредба со минатата година со цел да се обезбеди нормално функционирање на активностите на Собранието. За функционирање на канцелариите со контакти со граѓаните планирани се за четири проценти повеќе средства од лани. За капитални инвестиции се планирани 216 милиони денари, во согласност со барањата на Собранието и тие се главно за довршување на собраниската зграда во наредната година.
Пратениците на денешната седница на Буџетскиот совет на Собранието посочија дека Владата предвидела помалку средства од она што било предложено од страна на Собранието. Забележаа што исто така не се предвидени доволно средства за канцеларии на пратениците. Владанка Авировиќ од Социјалистичката партија рече дека треба да се разгледаат сите можности за обезбедување средства за сите пратеници да имаат свои канцеларии. – Неприфатливо е некој пратеник да нема канцеларија, смета таа.
Марјанчо Николов од СДСМ побара од пратениците заедно амандмански да интервенираат за, како што рече, Собранието да може нормално да функционира. во 2013 година Буџетот на Собранието изнесувал 681 милиони денари, а оваа година 665 без донации.
– Ако не сте подготвени, ќе го ставам под прашање функционирањето на Буџетскиот совет, рече Николов, кој исто така забележа дека сите пратеници треба да имаат свои канцеларии.
Претседателката на Буџетскиот совет Сузана Салиу рече дека и покрај тоа што се одобрени помалку средства од оние што се побарани, Собранието ќе биде функционално.
Според претставничката од Собранието на Република Македонија одговорна за финансиите, долгот на оваа институција изнесува околу 50 до 60 милиони денари, најголем дел за патни трошоци на пратениците и за користење возила на Владата. Средствата што Министерството за финансии не ги одобрило од барањето на Собранието најмногу се однесуваат на опремувањето на новите парламентарни сали.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.