Што се случува во битолската болница? Министерот за здравство Никола Тодоров денеска ја посети Клиничката болница-Битола. Вели, ова е еден од трите врвни здравствени центри и не смее да се дозволи да има сомнеж од било кој аспект. Неговата оценка е дека болницата работи во согласност со протоколите и медицината базирана на докази.
Посетата на Битолската болница доаѓа по смртните случаи на неколку лица кои се случија во последниот период, непосредно по третман во болницата. Тодоров најави дека дополнително ќе бидат направени и други испитувања за да се утврдиме дали има одредени проблеми во работата на медицинскиот кадар.
„Договорено е со докторите од судска медицина од Скопје да одржат посебен состанок со судска медицина во Битола за да ги видат фактите, договорено е Државен санитарен и здравствен инспекторат да направи детален увид на целата документација, а со нас има и инспектори од Бирото за лекови кои ќе земат примероци од инфузиите што се даваат и користат во Клиничка болница-Битола бидејќи тоа се инфузии кои се користат во цела Македонија и затоа сакаме да исклучиме секаква негативна можност“, соопшти Тодоров.
Тој додаде дека не смее да се врши притисок врз здравствените работници, а ако има сомневања за лекарска грешка треба да поведе соодветна постапка и да се докаже на суд.
„Не треба туку така луѓето да се обвинуваат дека направиле нешто, треба да се спроведе законска процедура за да се дојде до вистината. Не смееме да дозволиме да се шират невистини бидејќи тоа е недозволиво во здравството, особено не за еден врвен медицински центар“, рече министерот.
Последниве три месеци имаше четири смртни случаи во оваа болница. Во август почина 60-годишник поради погрешна терапија. Во рок од 24 часа од стомачно и мозочно крвавење имаше два смртни случаи. Пред неколку дена почина и 29 – годишен пациент поради аневризма.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.