| четврток, 6 декември 2018 |

„Женидба“ вечерва на сцената на Театар комедија

Вечерва со почеток во 20 часот ќе се игра најнаградуваната претстава на годинешното издание на театарскиот фестивал „Војдан Чернодрински“ – претставата „Женидба“ од Н.В. Гогољ, а во режија на Дејан Пројковски.

– Нашата „Женидба“ е претстава за љубовта и, би рекол, повеќе е за потрагата по љубовта. Се занимаваме за темата на бракот, за одлуката и препознавањето на вистинскиот човек. Има повеќе стилови во актерската игра, која кулминира во гротеска како специфичен актерски израз, а се темели на два принципа, на Брехтовата максима дека театарот треба да забавува и на Шекспировата дефиниција за театарот дека сè се случува сега и овде – вели режисерот Дејан Пројковски.
Во претставата играат: Атанас Атанасовски, Валентин Костадиновски, Нина Деан, Едмонд Сотир, Роберт Ристов, Игор Георгиев, Зорица Стојановска, Кристина Ласовска,  Теоман Максут и Анкица Бенинова.
Сценографијата е спонзорирана од фирмата „Златна рака“ и ја изработи Валентин Светозарев. Костимограф е Благој Мицевски, а музиката е на Горан Трајковски. Во претставата има и 3Д мапинг, првпат во затворен простор.
Гогољ ја напишал комедијата „Женидба“ како коментар на популарните романтични комедии од почетокот на 19 век во Русија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top