Заштитниот знак на Атланта хоукс во последените неколку сезони беше цврстата одбрана, сегмент од играта што беше очаен синоќа во премиерниот меч против Далас маверикс. Во анализата на стартниот меч на официјалната клупска страница на „јастребите“ како главен проблем за големиот број примени поени, дури 118, се наведува невоиграноста на тимот, во кој има многу нови кошаркари. Меѓу новаците е и Перо Антиќ, но првиот Македонец во НБА-лигата играше премалку, само 7,45 минути, за да се оцени неговиот ефект.
Се наведува дека тимот има одлична перспектива, но коцките во мозаикот треба стрпливо да се редат.
„За тоа треба време, но Атланта е на добар пат да биде тим за респект. Видлива беше невоиграноста на тимот, особено во пик-енд-рол играта. Високите играчи не беа доволно координирани и тоа многу умешно го искористи Далас, екипа што имаше висок процент од 57,1 прецизност од поле. Охрабрува играта во нападот, но одбраната беше лоша“, се вели во анализата на мечот.
Во последните 5 сезони Атланта примаше под 100 поени, или во просек по 96 поени, што е одличен ефект за најсилната кошаркарска лига на планетата.
Далас ноќеска победи со 118-109, а блескаше бекот на „телињата“ Монта Елис. Во првиот меч за својот нов клуб бекот со Ол-стар педигре постигна 32 поени, беше најефикасен на дуелот, а шутираше одлично со 11 погодоци од 17 обиди. Дирк Новицки повторно го презентираше раскошниот талент и со 24 поени имаше огромен придонес во стартната победа на Далас. Изненадување не е ниту добрата партија на ветеранот Винс Картер. На живата легенда на НБА му „лежи“ играта на Атланта и тој секогаш пружал одлични партии против Хоукс. И овојпат Картер беше расположен за игра и со 21 поен даде одличен придонес во триумфот на домашен терен.
Кај гостите се истакнува добриот настап на Џеф Тиг и засилувањето Пол Милсап, двоец што искомбинира 44 поени. Се наведува дека Ал Хорфорд и Кајл Корвер од кои се очекува да бидат носители на играта на Хоукс, се мачеа против Далас, а заедно погодија само 8 пати од 21 обид.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.