Завршија годинашните активности на археолошкиот локалитет Мрдаја во Дојран, праисториска населба од типот езерски наколни населби, датирана меѓу бронзеното и железното време (од 12 до 9 век пр.н.е). Истражувањата, кои започнаа во почетокот на септември со поддршка на Министерството за култура, беа од заштитен карактер.
Археолозите од Заводот и музеј – Струмица и од Музејот – Гевгелија ги завршија активностите на делот каде што беа пронајдени вкупно четири колци од населбата и мноштво фрагментирана садова керамика од која највпечатлива е онаа со мат сликање, потоа преносни печки, т.н. саѓаци, керамички пршлени за вретено, точила, бронзен накит, ножеви, камени и кремени алатки итн.
И покрај тоа што ваквите населби не се непознати за македонската јавност, како оние во Охридско Езеро во Заливот на коските или на Врбник, Устие на Дрим итн., се работи за прва населба од ваков вид досега откриена во Дојранско Езеро. Иако за нив зборува и Херодот кога ги опишува наколните населби во езерото Прасијада под планината Орбел (Беласица), досега вакви населби не беа истражувани во рамките на Дојранско Езеро.
Заштитните археолошки истражувања на локалитетот Мрдаја во Дојран почнаа во 2012 година како резултат на градежните активности во воениот камп Дојран, Стар Дојран.
Истражувањето на оваа населба и нејзиното вклучување во туристичкиот потенцијал на општина Дојран има за цел да ја збогати туристичката понуда, а со тоа да даде значаен придонес во локалниот економски развој на општината.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.