| четврток, 6 декември 2018 |

Ховит: Пристапувањето на Македонија кон ЕУ позитивно ќе влијае на регионот

hovit

Европратеникот Ричард Ховит позитивно го оцени напредокот на Република Македонија и активните мерки кои се преземаат во исполнувањето на стандардите, посочувајќи дека е неопходно да се продолжи со истите напори и посветеност на понатамошни подобрувања во сите сфери каде постои потреба за тоа, и онаму каде се забележуваат напредоци и онаму каде што има забелешки за помал напредок. Тој на денешната средба со премиерот Никола Груевски изрази надеж дека конечното пристапување на Република Македонија позитивно ќе влијае за развој на државата и регионот.

-На средбата беше разговарано за европските интеграции на Република Македонија, активните реформи и мерки кои се преземаат во таа насока, за достигнување на стандардите, понатамошно унапредување на процесите, поголем интензитет во реформите каде се забележува помало придвижување, како дел од севкупниот интегративен процес, а во пресрет на подготовките на наредната Резолуција на Европскиот Парламент за Република Македонија која следи по објавувањето на есенскиот Извештај на Европската Комисија – велат од Владата.

Според премиерот и европратеникот позитивниот извештај и обновената петта по ред препорака за почеток на преговорите со Европската Комисија претставуваат позитивен момент за нашата земја.

-Премиерот Груевски изрази благодарност за посветеноста, ангажираноста и поддршката на г-динот Ховит, и на Европскиот Парламент во контекст на европските интеграции на земјава, изразувајќи надеж дека овој пат таквиот напредок констатиран во позитивниот извештај на Европската Комисија ќе биде соодветно вреднуван и материјализиран со одлука за отпочнување на процесот на преговори со Европската Унија. Таква една одлука би била од извонредно значење и би дала позитивен импулс во пристапниот процес на државава, посочи премиерот Груевски, притоа истакнувајќи дека Република Македонија останува целосно подготвена да премине во следната фаза од пристапниот процес.  Премиерот Груевски истакна дека со цел продолжување на реформите за понатамошен напредок и надминување на предизвиците кои беа дефинирани од страна на Европската Комисија во последниот извештај, Владата на Република Македонија ќе состави акциски план кој ќе се спроведува во текот на наредните 12 месеци – велат од Владата.

Соработката помеѓу Република Македонија и Европскиот Парламент, додаваат од Владата, како и досега ќе продолжи со силно темпо и динамика, и со заеднички пристап и поддршка во понатамошното подобрување на состојбите и реализација на реформите во секоја општествена сфера.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top