| четврток, 6 декември 2018 |

Родители на Марија се Бугарите Русеви?!

Дали бугарска брачна двојка Роми се родителите на малата Марија, која беше пронајдена кај ромско семејство што живее во Грција?  Бугарската полиција испитува дали брачната двојка Русеви се биолошки родители на мистериозното русокосо девојче.

Во извештаите се наведува дека Саша Русева и Атанас Русев имаат меѓу осум и десет деца, од кои пет се русокоси и многу личат на девојчето најдено минатата седмица.

 Според бугарската новинска агенција БГНЕС, еден од нивните синови рекол дека целото семејство престојувало во Грција и дека пред враќањето во Бугарија ја оставиле Марија таму. Мајката, пак, според изјавите на соседите, на еден роднина му рекла дека девојчето го продала за 250 евра и дека ја препознала Марија кога се појави во светските медиуми. Според медиумите кај источниот сосед, се работи за двојка што доаѓа од градот Николаево во централна Бугарија.

Двојката грчки Роми кај кои беше најдено девојчето и кои се приведени под обвинение за киднапирање, велат дека нејзината мајка, Ромка од Бугарија, доброволно им го дала девојчето затоа што не можела да се грижи за него. „Дејли меил“, пак, објавил дека грчката двојка сакала на 12 години да го омажи девојчето и за него да добие богат мираз. Марија е третирана како инвестиција што треба да се негува и штити додека не наврши 12 години, што е традиционален праг кај Ромите за мажачка, па полицијата смета дека тоа е причината што ромската двојка сѐ уште не го продала девојчето.

 

 

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top