Новинарот Мишко Иванов поднесе оставка од функцијата член на Управниот одбор на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ). Вели нема да навлегува во патетични образложенија, едноставно не сака да биде нем сведок на бледите соопштенија на ЗНМ.
-Сакам да соопштам дека поднесувам оставка од функцијата член на УО на ЗНМ. Без дa навлегувам во патетични образложенија, а поаѓајќи од мојот вредносен и морален дискурс и неможејќи да бидам нем сведок на бледите и безтематски соопштенија кои ги издава ЗНМ (а не ме амнестира и мене од одговорност) поднесувам неотповиклива оставка од местото член на УО на ЗНМ, особено после последните две соопштенија и изедначувањето на одговорноста.
… Јас и понатаму останувам новинар кој е отворен и достапен за сите добронамерни сугестии на колегите новинари, се разбира доколку имаат потреба од тоа – стои во оставката која Мишко Иванов ја поднесе до претседателот на ЗНМ, Насер Селмани.
Иванов својата одлука ја соопшти и на неговиот Фејсбук профил. Се огласи и новинарот Владимир Тевчев:
-Заради амнестијата која ја спомена Мишко, сакам да се знае дека и јас, како член на УО на ЗНМ се изјаснив ПРОТИВ денешното така формулирано соопштение. Имаше и други членови кои беа против, колку јавноста да знае дека ЗНМ не ја донесе оваа одлука едногласно. За оставка – ќе размислам!
Здружението на новинари на Македонија денес излезе со соопштение дека е разочарано од злоупотребата на медиумите од дневните весници “Вест“ и “Вечер“ за дискредитација на новинарите по полова припадност и сексуална ориентација.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


