Двајцата се опасни стрелци, вистински фудбалски предатори, што го казнуваат и најмалиот кикс на противничите одбрани и голмани. Кристијано Роналдо и Златан Ибрахимовиќ стрелаат рафално во новата сезона, а и последните дуели од Лигата на шампионите потврдија дека се врвни напаѓачи и стрелци. Роналдо беше константна закана за одбраната на Јувентус и на двапати го матираше Буфон за победа на Реал Мадрид од 2-1. Патем изнуди и исклучување на Кјелини, со што директно го одлучи натпреварот што беше дерби на вчерашната програма во ЛШ.
Двојно повеќе голови за Пари Сен Жермен синоќа постигна Ибрахимовиќ. Шведскиот интернационалец отвори блескав покер од погодоци на арената „Констант ван дер Шток“ во Брисел во победата против Андерлехт од 5-0. Ибракадабра одигра волшебен меч, а вториот и третиот погодок беа вистински ремек-дела. Постигна хет-трик за 18 минути, вкупно 4 гола за еден час игра, а упати и проектил со брзина од 116 километри на час што на спектакуларен начин влета во мрежата на Андерлехт.
Роналдо е прв стрелец во ЛШ со 7 погодоци, има уште 8 во шпанското првенство, а Ибрахимовиќ е втор реализатор во ЛШ со 6 гола и уште 5 даде во француското првенство.
За жал, еден од нив нема да патува за Бразил на СП што ќе се игра следното лето, бидејќи Шведска и Португалија ќе играат меѓусебе во бараж-двомечот на 15 и 19 ноември. Кој е подобар и кој повеќе ќе ви недостасува на СП во Бразил, Роналдо или Ибрахимовиќ?
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.