Наскоро тој ќе се вработи, изјави неговиот адвокат Анатолиј Кучерена. Освен тоа, Американецот „зема часови по руски јазик“ и забележува „определени успеси“.
Кучерена „е апсолутно уверен во тоа дека Едвард ќе најде добро платена работа“. Претходно Сноуден доби неколку понуди, кои ѝ беа обелоденети на широката публика.
Првата понуда за работа во Русија Сноуден ја доби од претседателот на руската социјална мрежа „Вконтакте“ Павел Дуров.
„Мислам дека на Едвард може да му биде интересно да работи на заштита на личните податоци на милиони наши корисници“.
Вконтакте (која има околу 43 милиони корисници секојдневно) е една од малкуте социјални мрежи во светот, која ја доби борбата за локалниот пазар со Фејсбук.
Втората понуда за соработка на Сноуден му ја предложи шефот на работната група за заштита на личните податоци на Советот на Федерацијата Руслан Гатаров, но бидејќи стануваше збора повеќе за консултации, Гатаров предложи отворање сметка за собирање средства за Сноуден.
„Едвард не е богат човек и со сопствените пари нема долго да издржи. Сакам да им се заблагодарам на оние блогери кои не останаа рамнодушни кон неговата судбина. Јас, секако, му помагам колку што можам“, – изјави рускиот сенатор.
Многу руски експерти претпоставуваат дека работата на Сноуден тешко дека ќе биде поврзана со државните тајни на Русија и дека некои компании можат да се обидат да го искористат Сноуден во рекламни цели.
Меѓу потенцијалните работодатели на кои може да им послужи Сноуден се Mail.ru Group и Kaspersky.
На прашањето кон каква работа се стреми самиот whistle blower, Кучерена одговара: „No comments, но откако тој ќе донесе одлука, веднаш ќе ви кажеме“, ветува адвокатот.
Сепак Кучерена даде некакво навестување и изјави дека работата на Сноуден најверојатно ќе биде поврзана со „ај-ти или со заштита на правата на човекот“.
Таткото на Едвард, Лон Сноуден, кој беше на гости во Москва од 10 до 16 октомври, по враќањето во САД изјави дека го посоветувал сина си да остане во Русија.
Тој, исто така, изјави дека нему многу му се допаднала земјата и дека Русите воопшто не се онакви какви што ги претставуваат во САД.
„Во Русија бев како турист, како гост, и многу сум ѝ благодарен на таа земја зашто му даде азил на син ми“.
Лон Сноуден кој од руските власти доби повеќекратна виза за влез, планира да се врати во Русија и со другите членови на семејството.
Според Лон, Едвард ги нема откриено сите тајни информации, па затоа азилот ќе му даде можност тој и понатаму да им дава соопштенија на новинарите.
Во една од последните партии на тајни информации, која беше објавена на 15 октомври во „Вашингтон пост“, говори за тоа дека Американската безбедносна служба собира стотици милиони контакти на корисниците на Фејсбук, Џимејл, Хотмејл, Јаху и на други сервиси, вклучувајќи ги и информациите од сервисот за размена на приватни пораки.
Според информацијата на Сноуден, специјалната програма собира контактни податоци во моментот кога корисникот влегува во системот на сервисот или кога го синхронизира уредот.
Покрај другото, до моментов не се знае каде живее Сноуден во Русија и со што се занимава. Неговиот адвокат се ограничува со ретки изјави.
За овие неколку месеци колку што поранешниот разузнавач се наоѓа во Русија, познато е само дека тој може слободно да се движи низ Русија и дека малкумина би го препознале.
Кучерена му подарил на Едвард Сноуден книги од руските класици, меѓу кои и од Фјодор Достоевски.
„Му донесов еден куп книги. Се гледа дека сака да чита и да учи. Доколку би имал можност, тој многу повеќе би патувал“, вели Кучерена.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


