
Триумфалната порта во Вевчани, заедно со Православната црква и сообраќајната табла се на територијата на општина Вевчани, а на Струга. Така вели министерот за локална самоуправа Тахир Хани, кој преку Алсат – М телевизија одговори на барањето на неговиот сограѓанин, градоначалникот на општина Струга, Зијадин Села, коj бараше да знае дали тие се изградени во општина Струга или во Вевчани.

Зијадин Села
„Земјиштето на кое е изградена црквата и портата се на територија на општина Вевчани, значи во катастарска општина Вевчани и не се дел од општина Струга. Ако на првото прашање има точен одговор, дека овој објект е дел од општина Вевчани, тука треба да се покрене друг проблем, затоа што тоа е регионален пат и затоа општина Вевчани треба да има во предвид дека при изградбата на објекти на регионален пат, како и градоначалникот на Струга, треба да се бара одговор од Ј.П. Македонски државни патишта“, изјави Тахир Хани, министер за локална самоуправа.
Околу таблите отстранети од територијата на Вевчани, кои беа и на Албански јазик, министерот за локална самоуправа вели дека треба да се внимава затоа што Вевчани се наоѓа меѓу општини со Албанци и патот што минува преку нив ги поврзува истите.

Тахир Хани
„Градоначалникот на Вевчани не треба да постапува со предрасуди во насока на отстранување на таблите на регионалниот пат Струга – Дебар, што е исто така и пат за Вевчани и за Поргорци. Треба таблите да бидат на три јазика, затоа што негативните предрасуди влијаат на двете заедници. Тоа е регионален пат што поврзува неколку општини, Струга, Вевчани, Центар Жупа, Дебар, каде граѓаните и местата меѓусебно се поврзани. Затоа што општина Вевчани е меѓу територијата на Струга мислам дека во Вевчани треба да бидат внимателни и не треба да преземат таква постапка“, додава Хани.
Околу овој случај, градоначалникот на Струга деновиве најави уривање на овие објекти и враќање на таблите на Албански доколку се докаже дека тие се на територијата на општина Струга. Прашан за коментар на изјавата на министерот за локална самоуправа, градоначалникот Села рече дека ќе се изјасни откако ќе добие писмен одговор.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


