| четврток, 6 декември 2018 |

ВМРО-ДПМНЕ: Дали СДСМ во Скопје изгради барем 5 проценти од она што ние го изградивме

skopje

-СДСМ треба да престане да ја замајува јавноста и да шири дезинформации. ВМРО-ДПМНЕ  и градоначалникот Коце Трајановски  ниту престанале, ниту пак имаат намера да престанат да ги реализираат проектите кои се од интерес на граѓаните, проекти кои се ветени во нашата изборна програма. Наместо да се занимаваат со блокади на Советот, добро ќе беше да погледнат околу себе и да видат дека Скопје наликува на градилиште и секој ден се повеќе добива изглед на европска метропола – реагираше денеска ВМРО-ДПМНЕ на изјавата на советниците од град Скопје од редовите на „Сојузот на иднината“.

Тие обвинија дека со ребалансот на буџетот на Град Скопје е нанесена штета на граѓаните. ВМРО-ДПМНЕ велат дека само во периодот после локалните избори се изградени или во почетна фаза на реализација се огромен број капитални инвестиции:

  • Започната е изградбата на булеварот 3-та Македонска Ударна Бригада.
  • Реализиран е кружниот тек на 2-ра Македонска Ударна Бригада помеѓу општините Чаир и Бутел.
  • Завршена е втората фаза од делницата на булеварот Борис  Трајковски ( поранешна Првомајска) од Усје до Стаклара.
  • Пуштена е во употреба катната гаража во Центарот на градот.
  • Започна инвестицијата во водоводот во Шуто Оризари, за што се предвидени над 2 милиони евра, а со кој водовод ќе обезбеди здрава вода за пиење на над 30 000 граѓани на Скопје.
  • Во најскоро време ќе започне изградбата на канализациона мрежа на потегот на булеварот Србија.
  • Инвестирани се огромни средства во реконструкција и проширување на голем број други улици во Скопје.
  • Се градат нови паркови, се засадуваат нови дрва и се зголемува бројот на нови зелени појаси во градот.

Понатаму зборуваат за подземната сообраќајница, тврдејќи дека СДСМ повторно манипулира.

-Првиот тендер за овој проект, поради објективни причини беше стопиран и во најскоро време се очекува да се распише нов. Веднаш штом ќе се одбере изведувач, ќе започне со реализација на овој најголем  капитален инфраструктурен проект во последните 50 години. Исто така СДСМ  манипулира и за зголемувањето на задолжувањето на Градот. Се работи за повлекување на средства од банките кои претходно биле одобрени, а кои Градот ќе започне да ги користи за нови капитални инвестиции. ВМРО-ДПМНЕ она што го ветува, тоа продолжува да го реализира и во ниту еден случај не се откажуваме од проектите за кои сме добиле поддршка од граѓаните. Граѓаните самите можат да проценат дали СДСМ во време кога беше на власт во Градот Скопје изгради барем 5% од тоа што ВМРО-ДПМНЕ и градоначалникот Коце Трајановски го изградија во својот мандат – велат од владејачката партија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top