Протерувањето на 15-годишната Леонарда од Франција во родното Косово ја разбрани француската политичка јавност, известува МИА од Париз. Протерувањето на девојката било во рамките на процедурата по одбивањето на барањето за азил за нејзиното семејство кое живеело во местото Дубс на истокот од Франција. Петнаестгодишната девојка била приведена од силите на редот за време на училишна екскурзија, по што е депортирана во Косово.
Оваа 15-годишна Ромка од Косово со семејството дошла во Франција во јануари 2009 година и не ги исполнува условите за добивање на дозвола за постојан престој, за што се потребни најмалку пет години живеење во земјата. Приведувањето на Леонарда предизвика остри реакции на невладините организации и на дел од партиите од левицата, па и во рамките на самата владејачка коалиција во услови на силна антиромска кампања кај дел од француските десничарски политичари.
Од редовите на левицата се слушнаа повици за оставка на министерот за внатрешни работи Мануел Валс, кој пак доби поддршката од десницата. Француската Влада, започна административна истрага за начиниот и условите во кои беше протерана Леонарда. Во интервју за француските медиуми младата девојка изрази желба да се врати во Франција.
Во знак на протест поради протерувањето на Леонарда, но и на 19-годишниот Еременец, Качик Качатријан, илјадници средношколци денеска излегоа на улиците на Париз, поради што наставата беше прекината во најмалку дваесетина гимназии. На средношколците им се приклучија и дел од професорите кои се собраа на плоштадот Насион, каде демонстрантите скандираа „Качик во Франција, Валс во Ерменија“ или „Валс надвор“. Протестите од Париз, според некои информации се прошириле и во другите француски градови.
Според податоците на невладините организации, од изборот на Франсоа Оланд за претседател, 19-годишниот Ерменец е петтиот млад човек кој бил интегриран во училишниот систем на земјата, но потоа е протеран од Франција затоа што немал дозвола за престој.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.