Цениме дека и овој пат Европската комисија изложи мноштво резултати, факти и аргументи за донесување на позитивна одлука за почеток на пристапни преговори со Македонија на претстојниот декемвриски Самит. Остануваме целосно посветени и фокусирани на реформите за натамошно воведување на европските стандарди во македонското општество и на промоцијата на односи и соработка во регионот согласно европските принципи и вредности.
Ова го истакнува министерот за надворешни работи Никола Попоски во пишаната изјава до медиумите, по објавувањето на Извештајот на ЕК за напредокот на Македонија.
– Односите со соседните земји – членки ни се особено важни. Патот до членство во Европската унија сакаме да го изодиме заедно, во соработка со нив и активно користејќи ги нивните искуства. Затоа предлагавме и ќе продолжиме да предлагаме конкретни проекти и активности за продлабочување на взаемната соработка и доверба, наведува шефот на дипломатијата.
Отворањето на пристапните преговори на ЕУ со Македонија, истакнува, може само да придонесе за унапредување на грчко-македонските односи и за надминување на разликите. Повеќе заемно почитување, соработка, доверба, партнерство и уважување. Македонија останува посветена да ги развива односите со Грција во таков дух, посочува Попоски.
Силната препорака на Европската комисија, наведува притоа, е поддржана со упатување до земјите членки да овозможат напредок на Република Македонија и почеток на преговорите за членство.
– После петгодишно исполнување на критериумите од македонска страна, попречувањето е сериозен предизвик за кредибилитетот на политиката на проширување на ЕУ. Ќе работиме заедно со сите наши европски партнери да поддржиме кредибилен европски проект за мир и просперитет во регионот, истакна министерот за надворешни работи Попоски.
Европската комисија денеска го објави редовниот годишен Извештај за напредокот на Република Македонија во процесот на пристапување во Европската унија во 2013 година, како составен дел на Стратегијата за проширувањето и главните предизвици во периодот 2013-2014.
ЕК повторно му препорача на Советот на Европската унија да донесе одлука за почеток на пристапни преговори со Македонија.
– Македонија продолжува да ги исполнува политичките критериуми за членство во ЕУ во доволна мера. ЕУ агендата и натаму е стратешки приоритет и цел за земјата. Македонија има достигнато високо ниво на хармонизација со правото на ЕУ и ја има подобрено сопствената подготвеност за извршување на обврските од идното членство во ЕУ. Реформски приоритет во претстојната година треба да биде ефикасното спроведување и примена на постојните закони и политики. Особено внимание треба да се посвети на владеењето на правото, зајакнување на независноста на судството и натамошни резултати во борбата против корупцијата и организираниот криминал. Од клучна важност е да се продолжи со имплементацијата на мартовскиот политички договор. Слободата на изразување и состојбата со медиумите генерално, и натаму предизвикуваат загриженост. Сеопфатниот преглед на спроведувањето на Охридскиот рамковен договор треба да биде завршен и препораките да се имплементираат. Стратегијата за Ромите треба да биде проактивно спроведувана. Потребно е да се адресираат препораките на ОБСЕ/ОДИХР за изборниот процес, особено за потребата од дистинкција меѓу државните и партиски активности. Македонија продолжи да ги развива односите со соседите и да има активна улога во регионалната соработка. Иако беа превземени чекори во врска со спорот за името, прашањето останува нерешено. Важно да се одржи конструктивен приод кон соседите и да се избегнуваат активности и изјави кои можат да ги нарушат добрососедските односи. Треба да се адресира високата невработеност и да се зајакне управувањето со јавните финансии, се наведува во дел од оценките и заклучоците во Извештајот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
АВМУ со втор извештај: Медиумите неизбалансирани за референдумот, силно наклонети кон кампањата „За“
-
Попоски и Димитров на „Топ тема“ ќе дебатираат за надворешната политика
-
Попоски: За разлика од Македонија, Бугарија си ги заштити своите интереси
-
Попоски: Веруваме дека договорот со Бугарија може да биде подобар без да се наштети никому