
Комесарот за проширување на Европската унија, Штефан Филе, денеска во зградата „Берлемонт“ во Брисел ќе ги објави годинашните извештаи за напредокот на земјите-кандидати и потенцијални кандидати во европските интеграции.
Како што јави МИА, Филе на прес-конференцијата закажана за 14 часот и 30 минути ќе соопшти дека неформалната влада на Унијата по петти пат едно по друго нотира дека Република Македонија ги исполнува сите критериуми и услови да ги почне преговорите за членство, препорачувајќи му на Европскиот совет да ѝ дозволи на македонската држава да напредува во евроинтеграциите.
Она што е веќе познато е дека, освен препораката, Комисијата на двапати во извештајот за Македонија ќе ја употреби придавката „македонски“, што пред две и три години воопшто ја немаше, а покрај пофалбите за економската состојба и за политичките критериуми, од македонската држава ќе се побара и воведување на т.н. медиумска култура.
Според стратегијата за проширување на Европската унија за 2013-2014 година што ќе ја објави Филе, Комисијата се повикува на 20-годишнината од воведувањето на копенхашките критериуми, потенцирајќи дека клучни за проширувањето се почитување на правото, демократијата и економијата, со акцент дека за Република Македонија е клучно да направи пробив во преговорите за името.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


