Скопје станува туристичка атракција. Низ улица Македонија или во Старата скопска чаршија речиси секој ден има туристи од различни држави, информира „Скопје инфо“. Она што пак годинава ги носи туристите во Скопје е љубопитноста да се видат вложувањата кои се направени последните години во градот.Погледнете дел од новите градби кои ќе ја разубават метрополата:
Плоштад „Македонија” ќе добие нова фонтана со прскалки на површинско ниво со 128 прскалки, кои ќе се употребуваат само во летниот период. Фонтаната ќе биде со димензии 15х15 метри, а ќе биде поставена на просторот помеѓу Камениот мост и постојната фонтана.

Покрај четириесеткатниците во населбата Аеродром ќе се гради нов трговски центар и хотел.На површина од 33.500 квадратни метри и 450 паркинг места на булеварот Јане Сандански, наспроти трговскиот центар Бисер ќе никне нов трговски центар Капитол.

Воедно покрај хотелот Мериот кој се гради на скопскиот централен плоштад и кој треба да биде завршен до крајот на годинава, Скопје ќе добие уште еден хотел од светски бренд, кој веќе се гради во Аеродром, во близина на мостот Близнак, покрај реката Вардар.

Јавното прептријатие „Водовод и канализација“ за три години ќе добие нова зграда. Новата управна зграда ќе има пет ката и поткровје, подземен паркинг на три нивоа кој ќе биде со капацитет за 115 возила.Објектот ќе се гради на истата локација каде што беа и времените објекти, односно на улицата „Лазар Личеноски“, под Скопско кале.

Новото седиште на Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) има приземје, седум ката и поткровје, со основа на објектот од 387 метри квадратни, и вкупна корисна површина од 3.300 метри квадратни.

Воедно пред неколку дена АЕК започна со изградба на телекомуникациска кула на Водно која ќе биде повеќе од двапати повисока од Милениумскиот крст, двапати повисока од зградата на МТВ, но и повисока од новите висококатници кои се градат во Аеродром.Со височина од 155 метри, со модерен изглед и дизајн, со ротирачки простории какви што се планираат, дефинитивно оваа кула ќе биде највисок објект во цела Македонија, но и нова атракција во главниот град.

И Министерството за култура објави тендер за довршување на објектот „Македонска филхармонија“ во центарот на Скопје. Изградбата на зданието за оваа културна институција веќе трае повеќе од четири и пол години – градежните работи започнаа во март 2009 година.

Идната година ќе почне да се гради новиот Клинички центар кој ќе се простира на 61.500 метри квадратни, а се очекува да биде завршен до 2017-тата. Новиот блок, од скоро 62 илјади квадратни метри, треба да се гради на местото на старата Клиника за гинекологија и ќе биде со модерен изглед и енергетски ефикасна фасада. Најгоре, на осмиот кат, предвидено е да има и хелиодром. Новиот блок ќе биде поврзан со постојната зграда на Хируршките клиники, кои треба да бидат реновирани, со новата зграда на Гинекологија и со Онкологија.
Клиничкиот центар ќе биде поделен на два дела, главен објект и лаборатории кои ќе бидат поврзани меѓусебе. Инаку, за разлика од досега, во копмлексот нема да може да се влегува со возила, освен оние на итната помош и противпожарните екипи. Граѓаните ќе можат да се паркираат во две катни гаражи во близина чии вкупен капацитетет е 2500 паркинг места.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


