| четврток, 6 декември 2018 |

Идентификувани украдените икони во Тирана: ни три, ни седум, туку најголем дел од иконите се македонски

На почетокот беа три, денеска е потврдено дека има седум, но основани се сомневањата дека поголемиот дел од украдените икони и други вредни црковни предмети (1.077) фатени во Тирана се по потекло од Македонија, изјави денеска Сашо Цветкоски од струшкиот завод и музеј „Д-р Никола Незлобински“.

Пред три дена во Тирана албанската полиција уапси две лица во чии станови беа пронајдени 1.077 украдени икони и други вредни црковсни предмети.

Денеска митрополитот дебарско-кичевски Тимотеј потврди дека вкупно седум икони од струшкиот регион се меѓу украдените непроценливо вредни икони, фрески и други црковни предмети што беа пронајдени во Албанија. Според него иконите биле украдени од црквите во селата Радожда, Буринец, Селци и Модрич.

-Успеавме да идентификуваме со стопроцентна сигурност дека се работи за седум украдени икони. Но, се сомневаме дека ќе идентификуваме многу повеќе. Што поскоро излезат наши стручни лица на самото место и го погледаат материјалот што таму е достапен, верувам дека ќе имаме успех и ќе идентификуваме многу повеќе предмети. Сите наши предвидувања и претпоставки дека сето тоа заминува во Албанија, сега се остварија, појасни Цветкоски.

Иво Котевски од МВР пред два дена потврди дека албанската полиција ја повикала македонската полиција на препознавање на иконите. Тогаш беше потврдено дека три икони се од Македонија.

Меѓу албанската и македонската полиција договорена е средба меѓу стручни лица од Македонија и од Албанија за да се изврши идентификација на иконите и ако биде потврдено дека потекнуваат од Македонија, да може да се почне соодветна постапка за нивно враќање во земјава, изјави Котевски.

МВР досега преку Интерпол има распишано потрага по 113 икони.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top