
Министерот за здравство, Никола Тодоров, вчера во Струга и во Охрид најави дека од 15 октомври ќе има ново намалување на цените на околу 700 лека.
– Оваа Влада уште од 2006 година силно се зафати за регулирање на цената на лековите. Оваа област претходно беше целосно нерегулирана и оставена стихијно да се одлучува која ќе биде цената на лековите и при тоа имаше маржи кои беа многу високи и кои достигнуваа и до 1.000 проценти. Така, на пример, ако некоја веледрогерија го купува лекот за 1.000 денари, неговата продажна цена изнесуваше 10.000 денари – рече Тодоров.
Тој потсети дека прво беше донесен Законот за лекови и медицински помагала и се намали ДДВ за лековите.
– Намалувањето на ДДВ-то на лекови, беше прво посериозно намалување во Македонија, потоа донесовме нова методологија за утврдување на цените на лековите и како резултат на таа методологија досега има околу 1.000 лекови чија што цена поефтини. Сега на 15 октомври ќе има ново намалување на цените на лековите, очекуваме сега со новото намалување да се намалат цените на околу 700 лекови, изјави Тодоров.
Министерот истакна дека со оваа политика се овозможува цените да им бидат подостапни на граѓаните и да се укинува или многу да се намали разликата, односно доплатата што граѓанинот ја плаќа при купувањето на тој лек.
Македонскиот премиер Никола Груевски, во своето обраќање во Охрид, истакна дека за разлика од минатото кога нивната цена само се зголемувала, откако тие се на власт цената на лековите неколку пати била драстично намалена.
– Останавме посветени за пензионероте, но не само во делот за пензиите, ние се трудиме да им го подбриме животот колку што можеме и во други делови. На пример, три или четири пати драстично ги намаливме цените на лековите, порано само се зголемуваа. Се сеќавате ли во времето кога на власт беше нашиот политички противник да се намалиле цени на лекови, не може да се сетите бидејќи немало такво нешто, имаше само зголемување на цените на лековите, но се покажа и дека можат да се намалат и тоа повеќе пати, повеќекратно, и тоа им помага на сите граѓани, но најмногу на пензионерите – истакна Груевски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


