| четврток, 6 декември 2018 |

Лидија Димковска и Весна Ацевска ги добија наградите „Стале Попов“ и „Ацо Шопов“

Сите големи писатели ја изместуваат оската на светот, но светот е премногу во брзање за да го забележи тоа. А човекот, читателот, тоа изместување го чувствува на своја кожа и тоа е оној успех на литературата кога можеме да речеме дека таа може да го смени светот, изјави Димковска во интервју за неделникот „Република“

Писателката Лидија Димковска ја доби наградата за проза „Стале Попов“ за романот „Резервен живот“, а поетесата Весна Ацевска за стихозбирката „Будност.Лотос“ ја доби наградата „Ацо Шопов“ за поезија. Наградите ги доделува Друштвото на писателите на Македонија.

Претседателката на жирито за наградата за најдобро прозно дело Анастасија Ѓурчинова истакна дека романот на Димковска се издвоил „со оригиналноста на темата и успешноста во нејзиниот третман, донесувајќи една необична и силна нарација, со суптилни лирски пасажи, но и продлабочен психолошки засек во материјата“.

Ова е вторпат Димковска да ја добие наградата „Стале Попов“, откако во 2005 година ја доби за романот „Скриена камера“.

На лауреатите ќе им бидат врачени на 13 февруари, на денот на основањето на акедонската писателска асоцијација.

По промоцијата на романот лани, во октомври, Димковска имаше интервју за неделникот „Република“ каде што изјави дека „добрите книги се во состојба да поместат дел во нашето битие“.

Кога разговарате со Лидија Димковска, писателка, поетеса, преведувачка, професорка, мајка, ве смирува нејзиниот глас, нејзиното држење, иако кога доаѓа во Скопје, се и е на трчање. Со години живее во Љубљана, а престојот во главниот град овој пат е со причина – промоција на нејзниот втор роман, „Резервен живот“. Со неа разговаравме непосредно пред промоцијата, за романот, за работата, за преводите, за позицијата на македонските автори надвор од границите на нашата земја.

–       Возбудена сум од средбата со читателите, а уште повеќе од нивните подоцнежни впечатоци. Секоја книга е мртва ако не е читана и не би сакала тоа да му се случи на „Резервен живот“, и покрај можноста што ја нуди самиот наслов на романот. Помина подолг период од излегувањето на мојот прв роман „Скриена камера“ и навистина сум љубопитна како читателите ќе го доживеат “Резервен живот“ – вели Димковска.

„Резервен живот“ е втор роман во кој ја ја раскажувате приказната за две сијамски близначки родени со споени глави, Злата и Сребра и за нивната потрага по смислата за животот. Кажете ни нешто повеќе за романот…

Романот го пишував подолго време, во состојба на раскажувачко блаженство во кое се сплотени и тагата и радоста што се вградени во приказната. Приказната е измислена, според истражувањата што ги направив во Македонија до сега не бил забележан случај на близнаци со споени глави. За мене беше предизвик да раскажам токму таква, измислена, а веројатна приказна и тоа хронолошки поставена во периодот од 1984 до 2012 година, период кој ги обележа сите наши животи со многу промени и во македонскиот и во светскиот поредок. Ја избрав наративната постапка во прво лице еднина што ми овозможи да се идентификувам со раскажувачкиот глас бидејќи духовните и душевните состојби на главните ликови се сеприсутни во човечката психологија и затоа не е тешко да се идентификуваме со нив. Се надевам дека и читателите ќе пронајдат дел од сопствените доживувања и размислувања во оваа многу индивидуална, а сепак универзална приказна.

Посакувате ли, помислувате ли дека литературата еден ден може да го смени светот?

Колку би било убаво кога би можела, ама за жал не може, барем не во оние рамки во кои би била и очигледна промената на светот. Секако, многу ми значи она што го пишувам да допре до некого, да постави ново прашање, да понуди поинаков одговор, да затрепери нечиј ум или срце. Како читател се чувствувам засегната од секоја добра книга, а добрите книги се во состојба да поместат дел во нашето битие. На поширок план, парадоксално, поважни од книгите се самите писатели, кои ги надминале своите дела до таа мера што со своите имиња ги одредуваат и своите места во книжевноста, а и книжевноста воопшто во светот. Сите големи писатели ја изместуваат оската на светот, но светот е премногу во брзање за да го забележи тоа. А човекот, читателот, тоа изместување го чувствува на своја кожа и тоа е оној успех на литературата кога можеме да речеме дека таа може да го смени светот.

Каква е позицијата на македонскиот автор, на македонскиот поет и писател надвор од границите на нашата земја?

Македонската литература се пробива крајно тешко до читателите во светот, се уште важи за непозната, мала и егзотична, но не во толкава мера за да предизвика масовно внимание. Македонските автори во светот се пробиваат сами, со своите книжевни дела, обично преведени и објавени на „туѓа“ сметка, ретко кога подржани од дома. Може да се зборува за позицијата на неколкумина македонски автори во светот (избројани на прсти), но не и за позицијата на македонската литература. Годините поминуваат, а ние како да сме се уште на самиот почеток на промовирање на македонската книжевност во светот. Не  знам кога ќе се промени тој ментален систем на вреднување на македонската литература дома, за да може таа да постои и во светот. Потребни се многу пред се разумни, а во никој случај политикантски чекори за промовирање на македонската литература на други јазици, вложување во странските преведувачи и во преводите на македонските книги, објавени во добри издавачки куќи ширум светот, а не во Македонија.

Вие сте и поетеса  и писателка и преведувачка. Што од сево ова што го работите најмногу ве исполнува?  

Се! Отсекогаш во животот сум се чувствувала најдобро тогаш кога пишувам, кога прстите ќе го отпечатат во зборови она шо е внатре во битието. Тоа е случај и со пишувањето и со преведувањето кое е исто така чин на пишување. Кога пишувам се чувствувам дома, каде и да сум.

02

Ретко некој е успешен и во поезијата и во прозата. Како Вам тоа ви успева?

Кога пишував само поезија стихот за мене беше единствениот и неприкосновен инструмент за општење со себеси и со светот. Потоа на ред дојде и реченицата. Во моите белешки неретко тие се поставени заедно, со споени глави, како Злата и Сребра. Постои една специфична радост што ја носи пишувањето, на парадоксален начин неодвоива од болката, како плач и смеа или како сонце и дожд во исто време. Поезијата и прозата се две врати на еден ист дом. Песната обично се пишува кусо време и во состојба на силен интензитет, а прозата е дури и физичка работа (тоа најдобро го знаат плеќите и очите), но кога приказната речиси сама сака да се раскаже таа состојба на соживот со ликовите и настаните го воздигнува мојот свет на стапка на блаженство.

Живеете и работите во Љубљана каде што преведувате романска и словенечка литература на македонски јазик и повремено предавате Светска книжевност на Факултетот по хуманистика на Универзитетот во Нова Горица. Наоѓате ли доволно време за превод?

Додека го пишував романот и не можев да најдам време за превод зашто паралелно предавав и на факултетот. Сега повторно му се вратив на преведувањето и на мојата работна маса во Љубљана ме очекуваат сјајните песни на Мирча Картареску, романот „Некропола“ од Борис Пахор, фикцискиот водич низ Букурешт од Константин Абалуца, кусите раскази од Андреј Блатник,  детската сликовница на Лила Прап, а се најавуваат и други убави книги што ме чекаат токму мене да ги преродам на македонски јазик.  Неописливо е чувството на радост и исполнетост по секој нов превод на македонски јазик. Преведувањето не само што е најдобро читање туку е и нераскинливо пријателство помеѓу книгата во оригинал и книгата во превод.

Добитничка сте на повеќе престижни награди, меѓу кои и германската награда за поезија „Хуберт Бурда“, романските награди за литература „Поесис“ и „Тудор Аргези“, бевте номинирана и за германската награда „Берлински мост“. Ве исполнуваат наградите, ве тераат да творите повеќе, или едноставно, не ги броите?

Животот е тој што ме поттикнува или приморува да пишувам, вечното прашање за тоа што е човекот, кој/а сум јас, зошто живееме, каква е смислата на постоењето и воопшто човековата положба во координатите на минливоста и на светот. Наградите се пост фестум настани, носат радост, (само)потврда и поголем број читатели, го издвојуваат наградениот автор, но исто така се и кратко и слатко искуство кое не влијае директно врз пишувачкиот импулс.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top