Триесетината почесни конзули на Република Македонија во странство, кои од различни земји во светот допатуваа во земјава на покана на Министерството за надворешни работи, синоќа имаа работна средба со градоначалникот на Битола, Владимир Талевски.
– Почестени што во нивната програма е посетата на Битола. Иако не се задржуваат премногу во Битола, сакаме рационално да го искористиме времето. Ги запознав со најосновните работи – за нас многу, суштински, значајни, а можеби и за нив. Ги запознавме со условите во ИЗ Жабени, со проектот и резултатите кои ги имаме досега постигнато во зоната, со условите за решавање на најгорливиот проблем – невработеноста, вториот проект е касарната и сите проекти коишто ги подготвувавме сите овие години наназад со детални урбанистички планови, како: Нижеполе, Пелистер, терени за голф, ски- терени, катни гаражи итн. Сето тоа сублимирано на еден диск денеска им го презентиравме, а таков диск им подаривме. Сигурен сум дека ќе понесат големи впечатоци од Битола. Дел од конзулите веќе и самите покажаа интерес за условите во нашата општина за купување земјиште и градење затоа што дел од нив се и бизнисмени. На овој начин се создаваат услови за зголемување на бројот на инвеститори во општина Битола и во Република Македонија – изјави градоначалникот Талевски.
Почесните конзули денеска ќе се сретнат и со градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачевски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.