Неколку македонски уметници, меѓу кои Влатко Стефановски, Тони Китановски и Дарија Андова, во периодот од 19 октомври до 6 декември ќе учествуваат на фестивалот „Културни предели“ во Швајцарија, кој ќе овозможи државите и уметниците од Балканот да го презентираат својот творечки потенцијал, својата индивидуалност и креативност.
Во духот на заедништвото, балканските автори и репродуктивни уметници ќе го претстават пред швајцарската публика, но и онаа од регионот актуелното творештво, но и културното наследство на своите земји, она што нѐ прави различни, но и единствени во европскиот културен простор.
Министерката за култура, Елизабета Канческа-Милевска, и амбасадорот на Швајцарија во Македонија, Стефано Лазарото, ја презентираа програмата на манифестацијата „Културни предели“.
– Фестивалската програма на „Културните предели“ ќе се реализира во повеќе градови во Швајцарија, како Берн, Базел, Луцерн, Цирих, Винтертур, Арау и на неа ќе бидат застапени различни културни содржини, како концерти, ликовни изложби, филм, литературни читања. Програмата ќе биде збогатена и со голем број дебати, презентации, тематски работилници и панел-дискусии за современата култура на Балканот и за нејзиното значење во европскиот контекст. Пошироката јавност во рамките на фестивалот ќе има убава можност да се запознае со репрезентативното македонско музичко, уметничко и културно творештво, преку настапот на нашиот реномиран уметник Влатко Стефановски, настапот на Тони Китановски квартет, ќе прозвучи и делото на македонската композиторка Дарја Андовска, „Апориа апоирон“, кое ќе биде изведено од дванаесетгласен мешан хор. Во областа на ликовното творештво, уметникот Ѓорѓе Јовановиќ ќе се претстави со дело кое ќе биде презентирано во рамките на групната изложба „Балкан“. На конференцијата која ќе се одржи во рамките на фестивалот ќе учествува и Бујар Лума од Центарот за балканска соработка „Лоја“. Верувам дека нашите уметници ќе го испровоцираат вниманието на швајцарската публика и дека ова претставување ќе биде уште еден успех на македонската култура – рече Канческа-Милевска.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.