| четврток, 6 декември 2018 |

Рамуш Харадинај почесен граѓанин на Тетово

ramus haradinaj

Советот на општина Тетово донесе одлука со која Рамуш Харадинај, поранешен лидер на Ослободителната војска на Косово и претседател на Алијансата за иднина на Косово, е прогласен за почесен граѓанин на општината, јави Вест.

Одлуката е донесена на денешната седница на Советот на која не присуствуваа ниту еден од деветте одборници од македонските партиии. Веднаш по донесувањето на одлуката тие се огласија со соопштение.

Внесувањето на предлог одлуката за именување на Рамуш Харадинај за почесен граѓанин на општина Тетово на дневен ред само на еден ден пред одржувањето на седницата и без претходна поширока и посериозна дебата, во најмала рака е несериозен и деградирачки потег. Тетово е голема општина која ги засега интересите на многу поголем број граѓани, општина во која не се решени многу суштински проблеми од витален интерес и кои чекаат ургентно решавање. Ако сме сериозни политичари приоритет треба да да им дадеме на суштинските одлуки а не на ваквите протоколарни одлуки кои се во функција на предизборниот политички маркетингг се вели во заедничкото соопштение на одборниците од македонскиот блок од партиите ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, НДСП и ВМРО-НП. Тие исто така најавија дека, после ваквата скандалозна одлука, нема веќе да се учествуваат во работата на седниците на Советот се до неговото распуштање.
Одлуката за прогласување на Рамуш Харадинај за почесен граѓанин на општина Тетово беше донесена со акламација на сите 19 одборници од албанските политички партии. Во образложението Рамуш Харадинај беше претставен како политичка фигура која имала голема заслуга за унапредувањето на човековите права, како заштитник на демократијата и како праведен човек кој многу направал за зајакнување на врските меѓу Албанците и Македонците во Косово и Македонија. Според одлуката, признанието ќе му биде доделено на свечена седница на 4 февруари оваа година.
ДПА и нејзиниот лидер Мендух Тачи имаат одлична соработка со Харадинај и со неговото семејство. Рамуш Харадинај имал неколку средби со Мендух Тачи во Тетово а неговиот брат Даут Харадинај присуствува речиси на секоја изборна конвенција на ДПА.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top