Идејата за формирање на Г6 на Балканот по теркот на нордискиот регион, уште на почетокот наиде на негативни реакции. Приоритет се интеграциите во Европската унија, а на патот до таму државите од регионот се на многу различно ниво. Иако меѓусебно се помагаат и разменуваат искуства, влегувањето во една таква голема приказна на државите би било невозможно. Тргнувајќи од приоритетот, односно од интеграциите, сите држави се на различен степен во тој процес: Црна Гора веќе преговара, Македонија ќе беше на половина преговори да не се блокадите од Грција, Србија стана кандидат, Албанија го очекува тоа, додека најкомпликуван е процесот на Косово и на БиХ.Иако на почетокот се велеше дека иницијативата на црногорскиот шеф на дипломатијата, Игор Лукшиќ, е поддржана од еврокомесарот задолжен за проширување, Штефан Филе, потоа се додаде дека тоа, всушност, е негова идеја.
Доколку се погледне големата слика, нормално дека ЕУ ја посакува секоја регионална соработка, особено по толку години поединечна работа со секоја од овие шест држави. Но, доколку се загребе под површината една таква натамошна соработка со елементи на (кон)федерација, многу повеќе ѝ годи на ЕУ отколку на регионот.
Одолжување на влезот
Разликите во степенот на европеизација на регионот не би биле толку голем проблем на ЕУ колку што би претставувало поединечното проширување, и покрај поединечниот приод. Континентот е зафатен со лекување од економската криза која покажа внатрешни недостатоци, но и од „пребрзото“ ширење. Така, формирањето на една ваква чудовишна форма на сојуз со заеднички институции сигурно би овозможило „време за оддишка“ од Западен Балкан, кој ќе треба долго да се занимава за внатрешно изедначување на европските стандарди. Во година кога европските комесари и институции сакаат да се покажат во најубаво и успешно светло, пред изборите за европските институции, ваков сојуз би се покажал како успешна европска приказна за „ ЕУ-микрорегион“. Бидејќи актуелните аналитичари на состојбите внатре во Унијата велат дека следно проширување би се случило најрано во 2018 година, целата таа приказна со можно натамошно формирање на еден субјект би дала аргумент пред европските гласачи дека со проширување не би влегле шест, туку само една држава/конфедерација, која на патот на создавањето го поминала истиот пат како ЕУ.
Всушност, европските институции се плашат од искуството од Балканот. Прво со примерот на Македонија. ЕУ, предводена од целата внатрешна идеалистичка поставеност, се најде затечена пред проблемот кој прво една, а потоа и уште една членка го злоупотребија „клубот“ спротивно на основните начела за почитување на демократијата и човековите права за самоопределување. Но, не се само Грција и Бугарија кои го покажаа балканскиот инает и карактер за злоупотребување на позицијата. И Словенија го стори тоа со Хрватска, но, за разлика од рак-раната „Република Македонија“, за територијалните води постојат законски решенија и искуства. Сето тоа уште во 2009 година го посочи тогашниот известувач на ЕП, Ерик Мејер, кој рече дека западниот дел на Европа не ни можел да претпостави какви сѐ условувања, користољубие и соседска „наплата“ се можни меѓу југоисточните држави на континентот.
– Европските претставници не го претпоставувале таквото однесување надвор од европските правила на игра, па ќе поминат години додека не се најдат инструменти од таква заштита, ако воопшто и се обидуваат да најдат инструмент – додаде Мејер.
Дел од европските челници во ваквата иницијатива препознаваат мост за понатамошните такви однесувања. Во една таква „необалканска унија“ нема да е пречка Македонија, како дел од таквата форма, да влезе во ЕУ. Исто така, Србија и Албанија, за кои со сигурност се претпоставува дека доколку не влезат во пакет, ќе се условуваат преку поставеноста и контактите на Косово, што, пак, со сета своја актуелна позиција на чекање на неговата независност од сите држави од ЕУ, е посебна приказна.
Економски и други влијанијаЕвропската унија, чијшто економски мотор засега останува Германија, во следните неколку години не би можела да ги спречи малите држави од Западен Балкан да бараат излез за своите економии на друга страна додека го чекаат Брисел да даде зелено светло за прием. Големиот пазар што би се воспоставил во таа нова креатура во регионот, многу полесно би бил под европска контрола, секако според правилата на државите кои се најнапред во изедначување на стандардите. Притоа би се инсистирало главен пазар да биде европскиот, како подготовка за натамошно формално членство. Таквата опција би застанала на патот кој го трасираа државите што во моментов економски се многу влијателни во регионот – Турција, Кина, Русија, кои преку финансиите обезбедуваат и идно политичко влијание.
Западните медиуми неколку години ја опишуваат турската дипломатија како неоосманлиска, односно современа форма на влијание. Всушност, економските односи и отворањето турски училишта се темелите кои, во временскиот вакуум за ЕУ, би требало да го направи регионот сателит на гравитацискиот центар – Турција.
ЕУ особено би сакала да го дистанцира руското натамошно влијание. Опасност виде во гасоводот и во други инвестициски зафати. Како посебен аспект се поставува и застанувањето на патот на економските влијанија. ЕУ бараше од Црна Гора да го истражи потеклото на парите што се влезени преку руски инвеститори. Во тој контекст, не смее да се занемари дека Москва порача оти не е против членството на Црна Гора во ЕУ доколку Подгорица смета дека би ѝ користело, но е против ширењето на НАТО. Притоа, без сомнеж, под лупа се и кинеските инвестиции и заеми кои на голема врата се навлезени во инфраструктурата во соседна Србија – од изградба на патишта, преку железницата или заинтересираност за пловен пат Дунав – Морава – Вардар.
Иако според некои аналитичари идејата за соработка од таков вид би ја спречила Русија, додека турскиот план не е проблем, не смее да се заборави моментот кој Анкара неколку пати го нагласува – ЕУ е христијански клуб кој не дозволува членство на муслимански држави. Спречувањето на Турција отвора скепса дека таквиот однос е можен и кон Албанија, Косово, БиХ, како и Македонија и Црна Гора, каде што процентот на муслимански верници е значителен. Држејќи го регионот надвор, притоа имајќи контрола над регионот чијшто стремеж кон неа не се очекува да падне, ќе притиска преку најавената институција „Балканпол“ да го реши проблемот со милитантните муслимански групи кои, како оставнина од балканските борби, сега се борци во конфликтите на Блискиот Исток. Секако, тоа ќе биде ново оправдување за евентуално одложување на приемот.
ИВИЦА БОЦЕВСКИ: Црногорски маркетинг
Станува збор за црногорски маркетиншки потег за да покажат дека се поинакви и многу поотворени за интегративни иницијативи, за разлика од „националистите“ од заостанатиот Балкан. Нормално, за Црна Гора многу подобро и поупатно ќе биде да поработи на својот имиџ бидејќи ќе сретнете написи дека е „приватна држава“ со сериозен проблем со корупцијата на највисоко политичко ниво.
Нам не ни е место во никакви „скратени Југославии“ или во некакви чудовишни форми низ кои треба да се решава албанското или српското прашање на Балканот. Впрочем, Македонија се одвои од Југославија за да се спречи мајоризација на македонскиот народ, па не гледам зошто сега би влегувале во творби каде што повторно македонскиот народ би бил предмет на мајоризација. Тука нема интегративни или европски пориви, туку голема етничка големодржавна политика, скриена зад велот на европската интеграција. Македонија јасно стои на курсот на интеграција во ЕУ и во НАТО и секакви други интегративни експерименти би биле навистина и повеќе од контрапродуктивни.
САШО КЛЕКОВСКИ: Ништо ново- позната формула
Тоа не ништо ново, туку е веќе употребена формула во интеграциите на Централна Европа во ЕУ и веќе се случува во регионот. Неформалната соработка самоиницијативно ја има во медиумите и во спортот. Формалната е структурирана преку ЦЕИ, ЦЕФТА, ПСЈИЕ, СРС, како и Договорот за основање на енергетската заедница и Спогодбата за европската заедничка воздухопловна област (ЕЦАА). За договор за основање транспортна заедница веќе подолго време се преговара, а беше блокиран од Србија и од Косово, како и прашањето за седиштето на транспортната заедница.
Соработката на политичко ниво функционира преку парламентарните групи за пријателство или заеднички владини седници. А, полицијата преку контрола на границите или јавниот ред во туристичките места. Значи – ништо ново.
Текстот е објавен во неделник Република бр.56
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Хорор куќа на Балканот која ги „убила“ сите сопственици
-
Невреме над Балканот, девојче загина од удар на гром
-
Возачите на Балканот во паника: Пристига новиот радар со кој полицијата ќе може освен брзината, да детектира и дали зборувате на телефон!
-
Џабе работи, џабе не седи: Во Луксембург за еден час се заработува колку на Балканот за цел ден


