Приватните телевизии Сител, Канал 5 и Алсат М од 1 до 15 февруари ќе го спроведат проектот „Дваесет-тринаесет“, со кој точно во 20.13 часот ќе ги затемнуваат екраните во знак на револт против барањата на Македонска музичка индустрија (ММИ). Трите медиуми заедно со Здружението на приватни медиуми излегоа со заеднички став дека не се против авторските и сродните права, туку против нереалните тарифници на ММИ за пуштање домашна музика.
Тие најавуваат дека доколку протестот со затемнување на екраните не даде плод, од 15 февруари телевизиските куќи ќе изнесат ценовник кон кој ќе треба да се придржуваат изведувачите ако сакаат да се емитуваат нивните видеа.
Тие бараат Министерството за култура да ѝ ја одземе лиценцата за работа на ММИ, а доколку дозволата ѝ биде продолжена, тогаш да се утврдат реални цени.
Маркетинг-директорот на телевизијата Сител, Горан Глигоров, истакна дека барањето на здружението да се плаќа 1,5 отсто од вкупниот годишен приход на медиумот драстично ги зголемува трошоците што се потребни за да се направи една музичка емисија.
Тие и натаму тврдат дека нема потреба да плаќаат за фонограми бидејќи тие користат видеограми, за кои ММИ нема право да наплаќа.
ММИ со реакција:
„Ова е објавување војна со цел да се дезавуира остварувањето на правото од интелектуална сопственост. Ако навистина опстојат на нивните закани дека во иднина ќе престанат да емитуваат музика на своите програми, тогаш многу ќе ја олеснат работата на ММИ, бидејќи нема да има преговори, затоа што ќе нема предмет за преговори. Но, за жал, сето тоа ќе биде на штета на авторите, изведувачите и продуцентите.
Овој став на раководните лица од споменатите медиуми е многу штетен и за имиџот на Македонија и го одразува односот на овие медиуми кон уметноста, творештвото и, воопшто, културата во Република Македонија. Не постои земја во светот во која не се почитуваат авторските и сродните права. ММИ и ЗАМП не бараат телевизиите да ’одвојуваат дел од своите средства‘, туку тие се организации кои се овластени согласно со законот да го наплатуваат надоместокот за музичката содржина на програмите, како право установено со меѓународни конвенции и со македонскиот закон. Кој не сака да плаќа, не мора да емитува музика“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.