| четврток, 6 декември 2018 |

Фотогалерија:18 години од атентатот врз Глигоров – пропадна обидот за војна во Македонија

100_0590

Денеска се навршуваат 18 години од атентатот врз првиот претседател на Македонија, Киро Глигоров.

Синоќа беше промовирана публикација за овој сѐ уште нерасветлен настан. Издавачите, Форумот за безбедност и Здружението на ветерани и резервисти од одбраната и безбедноста, го претставија како мистерија.

100_0587

Тие сметаат дека државата треба да преземе активности за расветлување на атентатот и откривање на нарачателот. Издавачите нагласија дека поради зголемувањето на интересирањето за атентатот врз Глигоров добиле сигнали дека може да бидат загрозени нивните животи.

Според говорниците, од информациите на определени центри, како, на пример, од ЦИА, се дознава дека во некои балкански центри, во нивните концепти, постоеле опции за воена интервенција врз Македонија, а пречка им бил токму Глигоров. Атентатот требало да ја смени структурата во Македонија.

gligorov atentat

Идејата била на државата да ѝ се скине главата и да се рекомпонира владејачката структура во земјата и таа, спроти Дејтон, да се вовлече во војна и да се распарчи, беше истакнато на промоцијата.

Атентатот се случи пред хотелот „Бристол“ на 3 октомври 1995 година, во 9 часот и 50 минути додека Глигоров ја минувал редовната маршрута, како и секое утро, до своето работно место во Собранието.

Бомба беше поставена во автомобил АМИ 8, кој експлодираше кога автомобилот на претседателот минувал покрај него – 20 килограми експлозив беа активирани со далечински управувач.

100_0589

Автомобилот бил намерно избран за поставување бомба затоа што има тенок лим кој може од експлозијата да се распадне во повеќе смртоносни шрапнели. Еден таков шрапнел и го убил возачот на претседателот.

Претседателот Глигоров го преживеа атентатот со тешки повреди во пределот на главата.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top