Обединувањето на Европа без Балканот како интегрален дел на европската конструкција едноставно не е можно, порача премиерот Груевски на втората вечер на Балканскиот фестивал на мирот.
– Европскиот континент каков што го знаеме денес беше трансформиран во согласност со визијата за Европа – слободна, обединета и во мир. Милиони луѓе низ целиот континент ги уживаат плодовите од спроведувањето на оваа визија. Македонија како и целиот Балкан е неодминлив составен дел на ваквата визија за европскиот континент – додава Груевски.
Тој потсети дека Македонија е кандидат за членство во ЕУ од 2005 година, а статусот на кандидат го доби токму за време на претседателството на Велика Британија во Унијата и во време кога премиер на Британија беше Тони Блер.
– Му се заблагодарам за личното залагање кое го направи за да се избори за оваа кандидатура и воедно и се заблагодарам на Велика Британија како искрен пријател и поддржувач на РМ на планот на интеграција во ЕУ и НАТО. За жал Република Македонија сеуште е надвор од ЕУ и НАТО. Не сме членка на ЕУ и покрај тоа што од страна на Европската комисија четири пати по ред, беше дадена препорака за Европскиот совет за почнување на преговорите за полноправно членство, а исто така имавме одлагање во 2008 година и за добивање на поканата за полноправно членство во НАТО кога тоа беше одложено иако беше јасно констатирано дека Македонија ги исполнува сите услови за да ја добие поканата – рече Груевски.
Според него блокадата наметната од јужниот сосед како резултат на ирационалниот спор за името на нашата држава не кореспондира со декларираните заложби за интеграција и просперитет на овој дел од Европа.
– Она што можеби е неопходно за придвижување на Република Македонија на планот на евроатлантската интеграција е поголемо лидерство од страна на европските и светските државници во насока на обезбедување на еднаков и правичен пристап за нашата држава во интеграциските процеси – нагласи премиерот Груевски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.