| четврток, 6 декември 2018 |

За пожарот во „Пошта“ осомничен шефот на кабинет

Шефот на кабинет на Рафиз Алити, директорот на „Македонска пошти“, беше изведен пред истражен судија под сомнение дека го предизвикал пожарот во Македонски пошти на 15-ти јануари годинава.

Според досегашната истрагата, докази и вештачења кои траеја повеќе месеци покажале дека причина за пожарот е човечки фактор и дека избувнал во неговата канцеларија. Како бил предизвикан пожарот за сега нема информации.
Директорот на Пошта, Рафиз Алити, тврди дека шефот на кабинетот не бил во канцеларијата кога избувнал пожарот и дека апсењето било политички мотивирано.
 – Многу порано од тоа што се случил пожарот тој бил надвор од поштата и вештаците досега според мои информации не утврдиле од што избувнал пожарот, дали е човечки фактор или не. Ако е човечки фактор требаше да се каже точно од што, дали од цигара, од решо или нешто друго. Такви информации до нас не стигнале. За жал, ќе кажам, дека невини луѓе од Пошта лежат по затвори заради политички причини или заради некоја хајка што некој ја води против вработените во пошта – изјави за Канал 5, Рафиз Алити, директор на „Македонска пошта“.
Допрва во истрагата со дополнителни вештачења ќе се утврдува штетата која ја предизвикал пожарот. Се очекува да се дојде до многу поголема сума од досега пријавената сметководствена штета. Во пожарот настрада и импозантниот мурал на Борко Лазевски За време на пожарот поштата не беше осигурена. Отпосле беше склучен договор со осигурителна компанија која се обврза да ги покрие трошоците.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top