Две групи деца, сите од албанска националност, вчера се степале во дворот на средното училиште „Нико Нестор“ во Струга, додека се спроведувал проектот „Стоп на насилството“, токму во моментот кога се одржувал хепенингот „Безбедни училишта“, јави „А1он“, информирајќи дека во инцидентот нема повредени ученици.
Учениците кои биле од Струга и од околните села прво почнале да се караат, по што дошло и до тепачка, поради, како што јавува порталот, претходна нетрпеливост меѓу двете групи. Полицијата веднаш интервенирала и ги разделила разбеснетите ученици со што спречила тепачката да добие посериозни димензии, а на информативен разговор во полициската станица во Струга бил повикан еден ученик, за кој се смета дека е организатор на тепачката.
Охридската полиција го потврдила инцидентот и соопштила дека се случил во 13 часот, а во тепачката учествувале 12 ученици, сите од албанска националност. Од таму истакнале дека со име и презиме се знаат сите учесници во тепачката, кои утре заедно со своите родители ќе бидат повикани на информативен разговор по полициската станица во Струга.
Целта на проектот „Стоп на насилството“, кој го спроведува МВР, е превенирање на насилството меѓу младите.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



