| четврток, 6 декември 2018 |

Градежната дозвола за црквата во Октиси е важечка, продолжуваат провокациите

Екипата на Основниот суд во Струга денеска утврди дека градежните работи за изградба на црква во селото Октиси се веќе започнати и дека добиената градежна дозвола е важечка, јавува „Охрид прес“.

Вештото судско лице утврди дека темелите веќе биле поставени, дека се извршени и некои додатни градежни зафати, што било сосема доволно да се констатира дека изградбата е почната и дека градежната дозвола нема да истече на 30 септември, јави порталот мкд.мк.

Ние изградбата ја почнавме 5 дена пред закажаната мала прослава со осветувањето на темелите. Пет дена таму никој не ни правеше никакви проблеми. И наеднаш, не знам зошто муслиманскиот дел од жителите на Октиси, по повикот на оџата, се собраа сред село и го попречија тогаш продолжувањето на градежните работи за изградба на црквата, велат од Црковниот одбор за изградба на црквата Свети Димитрија во Октиси.

За време на увидот на екипата на судот, дојде и до еден помал инцидент, кога еден од поистакнатите жители на Октиси, инаку близок роднина на познат македонски политичар, почна да вика, да го навредува судот, да извикува „аир да не види турскиот аскер што не направи повеќе џамии во Октиси и во Вевчани“… Овој инцидент беше забележан во записникот од увидот на претставниците на судот.

Интересно е што оваа процедура требаше најпрво да ја заврши градежната општинска инспекција која долго време не излегувала на терен да изврши увид. Се претпоставува дека за тоа не добивала дозвола од градоначалникот Зијадин Села.

Од црковниот одбор велат дека сега ќе почекаат да завршат разговорите на владиката Тимотеј со претставниците на Исламската верска заедница за да се најде заеднички јазик за надминување на недоразбирањата за да продолжи црквата да се гради.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top