| четврток, 6 декември 2018 |

Хрватите во опасна серија, со седмата победа по ред ги испратија Грците дома

Хрватска по две продолженија ја победи Грција со 92-88, го освои првото место во Ф групата од втората фаза, а патем го испрати денешниот противник дома.

„Коцкестите“ ја продолжија импресивната серија од 7 победи дури по дополнителни 10 минути, откако во регуларниот дел беше нерешено 70-70. И по првото продолжение немаше победник, а двете селекции постигнаа по 7 поени, па одлуката околу победникот падна по нови 5 минути доигрување.

Хрватска предводена од расположениот Богдановиќ кој постигна 4 поени на стартот од второто продолжение и со тројката на Рудеж поведе со 86-79 и најавија продолжување на серијата победи, но Грците со 7-0 возвратија и израмнија на 86-86. Сепак во самиот финиш Хрватите беа поконцентрирани и попрецизни и победија со 92-88. За нив тоа значи сигурно прво место во Ф групата и четвртфинален дуел со Украина.

Грција со само два бода и една победа над Шпанија испадна во втората фаза од шампионатот.

Од 17, 45 во последното коло од Ф групата ќе играат Шпанија и Италија, селекции што обезбедија пласман во четвртфиналето, а втората фаза завршува со дуелот меѓу домаќинот Словенија и Финска, втората репрезентација од оваа група која заедно со Грците е елиминирана.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top