| четврток, 6 декември 2018 |

Младеновски: СДСМ не бојкотира туку Бранко

Независното младинско политичко движење Социјалдемократски сили, утре до ДИК, ќе ги поднесе независните листи со кандидати за советници на општините Центар, Аеродром, Карпош и град Скопје

Mihael Mladenovski
– СДСМ не бојкотира, Бранко бојкотира. СДСМ ќе учествува на изборите оти членството така одлучи- вели поранешниот генерален секретар на СДММ, Михаел Младеновски.

Тој денсека информираше дека независното младинско политичко движење Социјалдемократски сили, утре до Државната изборна комисија- ДИК, ќе ги поднесе независните листи со кандидати за советници на општините Центар, Аеродром, Карпош и град Скопје.

-Веднаш потоа, започнуваме со собирање на потписи како граѓанска поддршка за наше учество на престојните локални избори. Воедно, ги известуваме сите полнолетни граѓани кои ја поддржуваат нашата опција дека од утре до 9 февруари во подрачните единици на ДИК можат да се потпишат со што ќе придонесат до наше учество на изборите- информира Младеновски.

Младите социјалдемократи потсетуваат дека одлуката учество на изборите како опозициска опција е како контра одговор за тоа што тие не се согласуваат со политиката и кадровскиот потенцијал на актуелната опозиција предводена од Бранко Црвенковски.

-Ние, како млада и прогресивна сила на наредните избори ќе настапиме со конкретни идеи собрани од граѓаните, отворена и народна програма со решенија за актуелните проблеми на граѓаните. Нашата програма ќе биде базирана строго на социјалдемократските вредности, првенствено ќе ги земеме во предвид проблемите на обесправените граѓани, социјално загрозените, пензионерите, младите, спортистите- вели Младеновски.

За разлика од матичната партија СДСМ, приврзаниците на Младеновски велат дека нема да понудат само празна реторика типична за 90-тите години, туку ќе воспостават технократски систем на функционирање, базиран на демократските принципи, транспарентноста и отчетноста како главни постулати на современата политика.

-Нашите заложби ќе бидат да понудиме концепт за решавање на проблемите на граѓаните, подобрување на општинските администрации и услугата за граѓаните. Нашата програма ќе биде опфатена со социо-економски проекти, проекти за здрав живот, унапредување на спортот кај младите, како и заложби за здрава и чиста животна средина – вели Младеновски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top