Адвокатот на притворениот актер Кирил Поп Христов – Кили, до Основниот суд Скопје 1 поднесе барање за замена на решението за притвор со мерка домашен притвор. Како аргумент, адвокатот Владимир Данаилов до истражниот судија приложил медицинска документација, со која се докажува дека глумецот Поп Христов е со сериозно нарушена здравствена состојба и оти му е потребно итно лекување, пренесува Вест.
– Го посетив Кили во затвор и се уверив дека неговата здравствена состојба е исклучително влошена. Врз основа на лекарските наоди, актерот има туморска лезија со суспект на канцерна алтернација на грбот. Волуменот на израстокот на грбот е зголемен, односно туморот прогресирал. Дополнително е што има хепатит Ц и оток на црниот дроб, што уште повеќе ја влошува неговата здравствената состојба. А има и скршеница на едната рака, и потребно е да се извади гипсот. Сето ова е повеќе од доволен аргумент дека на Поп Христов му е потребна итна болничка нега – вели Данаилов.
Според него, во предметите за дрога истрагата релативно брзо завршува, и тој се надева дека евентуалниот обвинителен акт актерот ќе го дочека дома, во домашен притвор.
– Во барањето што го поднесовме стои дека на обвинетите мора брзо да му се овозможи итно медицинско следење и лекување и оти треба итно да се реагира за замената на решението притвор со домашен притвор. За тоа постојат и околности кои се предвидени во Законот. Барањето е дадено со ознака итно, и очекувам што е можно поскоро да имаме одговор. Не е ова правење театар туку работата е многу сериозна – вели Данаилов.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


