Музичарот на „Фејсбук“ го сподели својот став за притворот на актерот Кирил Поп Христов – Кили, и сѐ што следуваше потоа…
За Кили, за канабис
Читам веќе неколку дена на „Фејсбук“ како луѓе, некои од нив и мои пријатели, имаат проблем со барањето за ослободување на Кили, за декриминализација на канабисот. Читам и не можам да поверувам. Дали можеби јас ги преценувам луѓето и нивната способност или желба за наобразба? Денес можете за која било област што ве интересира да најдете податоци на глобалната мрежа. Секако, проучувањето на податоците никако не треба да биде од само еден извор, туку да се прочитаат спротиставени мислења, да се зачепка малку подлабоко и да се дојде до некаков став по проблематиката која ја проучуваме или да не звучи претешко, проблематиката за која сакаме да се информираме. Неброени се изворите на информации за лековитите својства на канабисот во третманите на повеќе болести, а најчесто на најопаката на денешницата – канцерот. Неброени се и информациите дека канабисот нема никакви лековити својства, но доколку ве интересира кој ги пласира вториве информации, ќе забележите дека се тоа државни установи, доктори кои се сопственици на клиники “pain clinics” и други медицински лица, кои работат во интерес на фармацевтските гиганти.
Не ли ви е чудно како една од најупотребливите билки е ставена на листата на забранети? Канабисот се употребувал за добивање коноп, изработка на квалитетна хартија, сточна храна, гориво, лекови. Познавате ли вака од памет некоја друга билка која е забранета? Јас познавам едно растение кое е на листата на 10те најтоксични на планетава, а расте слободно по парковите, украсува жардињери и кога бев мал ни растеше на балкон заради убавите розеви и бели цветови. Тоа не е забрането, а чај од кој било нејзин дел може да убие возрасен човек.
Не сум чул, искрен да бидам дека од канабисот некој починал, а ниту сум успеал да најдам таква информација. Значи, забранета е билка што го лекува тоа што конвенционалната медицина не може да го излекува. Секако, застапувам мислење дека алкохолот е поштетен од канабис, а гледај, се продава секаде, на цигарите пишува дека се опасни по здравјето, а на шишињата со алкохол нема таква забелешка (претпоставувам здраво е). На сите родители што не прават разлика меѓу канабис и другите видови дроги им препорачувам да се информираат подобро.
Сетете се дека ОХО лепакот не е забранет и секое дете може да го набави и употреби во цели кои не се лепење на колажи. Доместос, солна киселина, живин термометар, се некои од работите што сега ми паднаа на ум, кои можат слободно да се купат, а да се искористат за поинакви цели и можат да бидат смртоносни.
Зошто тие не се забранети за продажба? Дури на Mr. Muscolo и другите слични средства пишува дека се отрови, но можат и деца да ги купат. Спремни сме говедата да ги храниме со ГМО храна, во водата ставаме флуор, а измет од ешерихија коли не засладува. Важно во канабисот бил проблемот и треба под итно да се уапсат, затворат, стигматизираат оние кои се дрзнале оваа корисна билка да ја пушат, одгледуваат или лекуваат со неа? Ма немој да ме јебеш, бре!
Претпоставувам оние кои критикуваат никогаш немале лична несреќа да се сретнат очи в очи со канцерот. Кога тоа ќе се случи, човекот поинаку размислува. Секој знае дека наверојатно му се одброени часовите на битисување доколку се лекува со хемотерапија и радијација. Има и такви кои успеале да преживеат со овие терапии, но малку се и канцерот бил рано откриен, кога телото било доволно силно да се бори и со канцерот и со хемотерапијата. Но, што со оние другите? Со нив е полн Бутел.
И мојата мајка е таму, канцерот ја совлада. Во таа 1995 интернетот беше недостапна алатка за информации. Не можев да располагам со сознанијата кои денес ги имам, ниту пак, за опциите кои стојат на располагање. Да ми кажеше некој дека постои начин како да ја излечам мајка ми, немаше да ми биде важно дали кршам некој закон или не. Но, не знаев. А, законите ги пропишуваат луѓето и тие исто така се подложни на промени и безбројни дополнувања.
Во Франција се забранети енергетски пијалаци, во Сингапур гуми за џвакање, во Холандија можете да си дозволите проститутка од излог и џоинт во кафуле, зошто во Македонија да не може да се декриминализира канабисот? Секој си гледа за своите.
Поп Христови се нашле во ситуација во која единственото решение, поучени од болката на загубата на своите родители, го побарале во канабисот. И, браво! Секој на нивно место би направил се. Нека се јави некој што смета дека не би барал лек на најневеројатни начини само да ги спаси најблиските!
Што се случи со нашиот народ кој беше широкоград и сочувствителен? Од каде толку злоба и потреба за сеир од туѓите несреќи. Не треба да го сакате Кили за да барате негово ослободување, само замислете дека во иста ситуација е вашето дете, родител или вие самите. Веднаш ќе го спуштите каменот.
Џон Илија Апелгрен
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.