Градот Скопје се одлучи да го поништи тендерот за изградба на подземната сообраќајница во центарот на главниот град, поради скапите понуди поднесени од градежните компании. Потегот за распишување на втор по ред тендер доаѓа по отворањето на понудите, чија вредност ги надмина проценките на изработената студија од шпанската консултантска куќа „ИДОМ“.
Скопскиот градоначалник во изјава за „Алфа“ истакнува дека очекувањата од вториот тендер се заинтересираните компании да достават пониски понуди за 10 до 20%. Причината зошто претходните понуди отстапуваат од проектантската вредност на подземната улица дополнително ќе се разговараат со понудувачите.
Пред неполни 10 дена, градските власти ги отворија четирите понуди на домашните и странските фирми. Најмалку финансии – 67.227.284 евра за реализација на проектот побара македонско – италијанскиот конзорциум, составен од скопската компанија „Бауер БГ“ и „Вианини Лавори“, додека второпласирана е украинската компанија „Метробуд“ која беше заинтересирана да го изгради тунелот за 71.154.471 евра. Македонскиот конзорциум, составен од скопските компании „Бетон“ и „Гранит“ и струмички „Жикол“, доставија понуда во висина од 88.545.073 евра, додека последно рангирана е понудата во вредност од 92.195.121 евра на конзорциумот, составен од бугарски „СК-13“ и португалската компанија „Лена“. Тендерот за изведба на подземната сообраќајница беше објавен во јануари годинава.
Со вклучување на сите трошоци, проектот за подземно поврзување на крстосницата меѓу булеварите „Илинден“ и „ВМРО“ со булеварот „Кузман Јосифовски – Питу“ треба да чини околу 51 милиони евра. Трасата ќе започнува со два кружни тека на двете страни од тунелот, кој е замислено да има две коловозни ленти по целата должина. Сообраќајницата е планирано да биде долга 1.300 метри, од кои 900 метри ќе бидат под земја, на потегот кај плоштадот „Македонија“ и долж Кејот „13 Ноември“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.