Убавите приказни сите ги сакаат, посебно оние кои имаат среќен крај. Басните, каде што на животните им се доделуваат човечки карактеристики се поучни, даваат совет, сугерираат. Во приказните што следуваат вирее само љубовта – онаа меѓу животните и онаа која животните ја добиваат од вработените во зоолошката и од посетителите.
Малкумина знаат дека жителите во зоолошката градина не се купуваат, туку се донираат од други зоолошки, се разменуваат или се згрижуваат. Скопската зоолошка најчесто соработува со белградската и софиската зоолошка, но имаме жители и од Унгарија, Белгија, Германија, Холандија, Чешка… Жители на зоолошките стануваат и животни кои се запленети при нелегална трговија на гранични премини или во земјата.
Анетка и Жорж се гибони со потекло од Дебрецен, Унгарија и Планкендал, Белгија. Сместени се во живеалиштето на езерото, каде го задржуваат вниманието на посетителите со своите невидени акробации, кои сега ги пренесуваат и на младенчето кое го учат чекор по чекор. Кога дојдоа во Скопје беа соло, а сега го продолжија потомството на кое му се радуваат и тие и посетителите.
Едни од најомилените животни во скопската зоолошка се лемурите кои исто така формираа свое семејство. Мажјаците дојдоа од холандскиот Амерсфорт, а женките се од Емен, исто така од Холандија. Сега семејството е проширено за две слатки лемурчиња.
Никој не можеше ни да претпостави дека кога сибирските тигри Учи и Надја дојдоа во скопската зоолошка градина ќе имаат потомство, бидејќи предвреме беа отпишани како неплодни и непродуктивни. Кога подоцна се родија три сибирски тигри тоа беше најголемата радост за скопската зоолошка градина. Веста ја пренесоа сите светски медиуми. Тоа е една од најубавите приказни со кои се гордее скопската зоолошка.
Необјасниво е – дали е љубов, дали е до почвата, до воздухот, дали Учи и Надја конечно се нашле и си се погодиле еден со друг, си се препознале. Никој од стручните лица не знае да го објасни ова, но сите се радуваат на Путин и Ана, нивните деца. Три тигарчиња се родија во април 2011 година, но едно од нив за жал не преживеа. Радоста беше преголема кога дојдоа на свет, особено бидејќи сибирските тигри се загрозен вид во светот. За мажјакот Учи кој дојде од Плзен, Чешка, и тигрицата Надја која е од Будимпешта, Унгарија ова е прво потомство. Оплодувањето во природа е реткост, а уште поголем раритет е оплодување во зоолошки градини.
Коко уживал да се гушка и да се шета за рака
Приматите-мајмуни од кои шимпанзата се најблиски до однесувањето на човекот, заради својата изразена интелигенција. Но, за жал, овој вид засега го нема во скопската Зоолошка градина. Вработените со подолг стаж во Зоолошката градина, најмногу го паметат шимпанзото Коко, кој моментно е во Холандија, каде што го лекуваат од депресија. А депресијата е психолошко состојба карактеристична за човекот. За Коко ги врзуваат убави спомени кои секогаш измамуваат пријатни насмевки на нивните лица кога се присетуваат на палавштините на Коко. Шимпанзото го паметат како исклучиво интелигентно животно. Коко бил многу приврзан со зоонегувателите. Вработените велат дека му годело да дели прегратки, уживал да се шета со нив држејќи ги за рака. Со своето однесување сакал да го привлече вниманието на себе. Тоа го правел со разни гестови и мимики. Но, знаел и да се шегува, па понекогаш ги прскал посетителите со вода.
Коко знаел да аплаудира, манифестирал радост, слушал наредби и одговарал на нив. Точно знаел што му е кажано и заповедано да направи и тоа го правел. Роденденот на Коко се славел секоја година.
Повозрасните и оние со подолг стаж во Зоолошката ја паметат и приказната за женка шимпанзо, која откако останала без пород избегала од Зоолошката градина и заталкала во скопскиот градски парк. Таму се одиграла сцена како на филм – грабнала едно бебе од количка. За среќа, не му наштетила на бебето. Тоа бебе сега е возрасна госпоѓа, жителка на Скопје.
Некој ја граба храната само за себе, некој пребира што ќе јаде…
Сите човечки особини може да се препознаат и кај животните. Низ Зоолошката не води Татјана Стоименов, директорката на скопската ЗОО. Таа одлично ги познава сите жители и знае да ја препознае разгаленоста на животните, нивната љубомора, немањето трпение кога се носи јадењето, прибирливост во исхраната, нивните навики….
– Сите животни се разгалени, секако во позитивна смисла на зборот. На сите им годи вниманието и нежноста која им ја даваат вработените. Секое животно е посебно приврзано за одреден зоонеговател. За кого ќе се приврзат – нема правило. Причината им е позната само на животните – вели Стоименов.
Таа ни ги открива навиките на дел од животните во зоолошката.
– Лемурите сами чепкаат по џебовите на униформите на вработените веднаш штом ќе влезат во нивното живеалиште. Немаат трпение, едноставно не можат да дочекаат да им се распредели, односно „сервира“ храната. Тие умеат сами да си ги лупат јајцата, како и овошјето со корупки. Обично го пребираат прво омиленото од храната, прво тоа го јадат, па потоа она што останало. Нахранети и блиску до стаклата огреани од сонцето, не ретко ќе ги забележите повозрасните единки како задремале. Тоа многу ме потсетува на попладневна дремка кај луѓето – објаснува Стоименов.
Кај сите помлади жители на градината изразено е детско палавење, играње со предмети и реквизити во нивното опкружување. Вработените раскажуваат дека во принцип сите животни се љубопитни кога станува збор за нови лица,како и за нови форми на понудената храна.
Има и други крајности. Кај одредени мажјаци како што е гибонот, се забележува внимание кон понежниот пол. Мажјакот гибон ја зема храната и ја носи до островот кај женката. Макаките и павијаните себично присвојуваат поголема количина од оброкот која ја складираат и потоа сами ја јадат.
Манифестирањето на мајчинството е индивидуално и зависи од видот. Некои женки беспрекорно внимаваат на младенчињата додека тие не пораснат, играат со нив и се вистиснско уживање за посетителите. Но, има и случаи кога младенчињата не се прифатени од мајките и има потреба од дохранување. За среќа тоа се изолирани случаи.
Лемурите им измамуваат насмевки на децата со посебни потреби
Имате ли миленици во Зоолошката? ја прашувам директорката Татјана Стаменов иако веќе претпоставувам каков одговор ќе ми даде.
– Уф, секогаш ми е најтешко да одговорам на ова прашање. Привилегија е да сте дел од тимот на ЗОО Скопје, бидејќи секој ден е посебен и неповторлив. Во порелаксирраните моменти, при редовните обиколки сведок сум на интересни однесувања, глетки, филхармонија на звуци во градината. Сама забележувам дека подолго време се задржувам, ако тоа воопшто е некоја дефиниција за миленичиња, и им се восхитувам на лавовите и на тигрите. Уживам да ги гледам гибоните покрај езерето, потоа пони коњчињата, а во последно време секако, жирафата – вели Стаменов.
Сепак, таа признава дека лемурите и се најмногу при срце, посебно од времето кога работела како едукатор во Зоолошката градина.
– Пред повеќе од две години почнавме со организирано славење на родендени во Зоолошката и тогаш зачестија дружбите со лемурите. Откако ќе завршеше обиколката низ градината, беше дозволено да се влезе во делот каде што живеат лемурите и на славеникот му дозволувавме да ги храни овие животни. Секогаш си наоѓам изговор и време да влезам кај нив. За мене беше воодушевувачки фактот дека лемурите имаат селективен приод кој дечињата со посебни потреби. Кај нив знаат да испровоцираат насмевки, новоизречени зборови, што за нивните родители и наставници претставува невидена радост и задоволство – додава Стаменов.
Фото: Игор Ангеловски
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.