| четврток, 6 декември 2018 |

Почна тридневната меѓународна научна конференција „Културна меморија“

Првата меѓународна научна конференција „Културна меморија“ беше свечено отворена денеска во Кристалната сала на хотел „Континентал“, каде што се обрати заменик-министерот за култура Драган Недељковиќ.

Организатор е Центарот за култура и културолошки студии (ЦККС), кој беше формиран минатата година од професори и млад кадар, главно од универзитетите „Св. Кирил и Методиј“ и „Гоце Делчев“ во Штип и самостојни истражувачи.

На научната конференција се очекуваат околу 370 учесници од 49 земји од светот – универзитетски професори, научници, магистри и докторанти, а од нив околу шеесет се од Македонија. Ќе има претставници од 250 универзитети од четири континенти. Ќе се работи во осум сали, на три јазици и има 14 панели.

– Културната меморија е актуелен предмет на интерес бидејќи меморијата се поврзува со идентитетот, местото, начинот на живеење, обичаите. Станува збор за исклучително важна тема која на конференцијата е поделена во четири секции. Едната секција ја поврзува културната меморија со идентитетот, а другата со политиките. Многу важна е секцијата што културната меморија ја поврзува со местото и просторот и четвртата е уметноста и медиумите во корелација со културната меморија – вели претседателот на ЦККС, Лорета Георгиевска-Јаковлева.

– Целта на оваа конференција е да ја промовира Македонија и Скопје, како место кое може да организира настани од европско ниво. „Оff програма“ предвидува посета на Старата скопска чаршија, манастирите од околината на Скопје, Охрид, проследено со професионални водичи и со раскажување на македонската приказна на гостите – вели потпретседателот на ЦККС, Мишел Павловски.

Центарот за култура и културолошки студии има мисија да ги обедини сите креативци во Македонија и да развие меѓународна соработка со вмрежување и поврзување со установи  од културата надвор од земјава. Како проект на ЦККС е развиена Балканска мрежа за култура и културолошки студии, основана од неколку истражувачи од балканските земји со цел Балканот да се вклучи во европските и светски организации. Центарот, во соработка со книгоиздателството МИА-АН, го објавува списанието Култура/Culture, кое има меѓународен издавачки одбор и излегува на англиски јазик.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top