| четврток, 6 декември 2018 |

Денеска почнува научната конференција „Идентитет и култура“ 2015

Од 3 септември до 5 септември во Скопје (хотел Континентал) во организација на Центарот за култура и културолошки студии (ЦККС) ќе се одржи Третата годишна меѓународна научна конференција насловена како „Идентитет и култура“ 2015.

На свеченото отворање, на 3 септември, во 9,30 часот, во хотел Континентал, ќе се обратат претседателката на ЦККС, Лорета Георгиевска-Јаковлева и потпретседателот на ЦККС, Мишел Павловски. Како новина, на отворањето на годинешнава конференција ќе излагаат двајца воведни предавачи: Милена Драгичевиќ-Шешиќ, професорка на Универзитетот за уметност во Белград, Србија и претседател на УНЕСКО за културни политики и менаџмент и Гај Старки (Guy Starkey), истакнатиот британски професор по медиуми и член на тесното раководство на ЕКРЕА.

Годинава на конференцијата ќе земат учество околу 250 научници од кои, 180 од повеќе странски земји како Русија, САД, Австралија, Малезија, Бразил, Сингапур, Западна и Источна Европа, Балканот, и 70 од нашата земја. Воедно, присуство на конференцијата најавија и претставници на неколку странски амбасади во нашата земја.

Целта на конференцијата е научниците да ги изложат своите мислења околу поимите идентитет и култура и истите да ги спротивстават, поставувајќи ги следниве прашања: Што претставува идентитетот? Каков е односот меѓу културата и идентитетот? Дали идентитетот е биолошки детерминиран или е конструиран? Зошто сѐ почесто зборуваме за идентитети (во множина), а не за идентитет (во еднина)? Како етничките групи го штитат својот идентитет од промени? итн.

Од излагањата на до сега одржаните конференции („Култура и меморија“ и „Медиуми: теорија и практика“) произлегоа голем број научни трудови, а дел од нив беа издадени во Списанието „Култура/Culture“ кое досега реализираше 12 броеви.

Конференцијата, и оваа година во off програмата на странските учесници ќе им ги понуди природните и културните убавини на Матка и Охрид.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top