| четврток, 6 декември 2018 |

Ибраими: Си го остварив сонот, едвај чекам да почнам да играм во Серија А

Агим Ибраими си го оствари сонот и ќе игра во една од најсилните лиги на светот, Серија А во Италија, како нов член на Калјари. Клубот од Сардинија ја реализира едногодишната позајмица на македонскиот фудбалер од Марибор, а Агим вели дека е презадоволен. Советот од репрезентативниот колега Горан Пандев кој долго време настапува во Калчото дополнително помогнале, играчот од средниот ред  да го прифати предизвикот и да се пресели на „чизмата“.

„Ова е остварување на сонот за мене и за моето семејство. Уште како дете посакував еден ден да играм во италијанското првенство и презадоволен сум што станав член на Калјари. Зборував и со Горан Пандев и тој ме подржа во одлуката, кажувајќи ми прекрасни работи за атмосферата на стадионите за страста на симпатизерите за фудбалот во Италија и за тоа дека од тактички план Лигата е една од најдобрите на планетата. Едвај чекам да почнам да играм за Калјари“, изјави за клупскиот сајт на Калјари, Ибраими.

Клубот од Сардинија го позајми Ибраими на една година, со право на откуп на договорот, на десното крило на Марибор и на македонската репрезентација. Во спротивен правец кај словенечкиот прволигаш замина уругвајскиот интернационалец Пабло Сепелини. Калјари има солиден тим, а вистински потег е што не ги продадоа Астори и Наинголан, двајца играчи за кои беа заинтересирани гигантите Јувентус, Милан, Рома….

 

ФОТО: www.cagliaricalcio.net

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top