| четврток, 6 декември 2018 |

Хигиеничарката виновна за смртта на битолчанецот Јорго Ангелевски кој прими средство за дезинфекција наместо инфузија

nekrolog-jorgo

Лекарката се правдала дека откако таа го примила битолскиот пациентот Јорго Ангелевски, ѝ рекла на сестрата да му даде инфузиски раствор за плакнење на желудникот, а сестрата, пак, таквата наредба ја препратила до транспортерот, кој воден од желбата да помогне, без да забележи, наместо со инфузиски раствор, го зел шишето со средство за дезинфекција и почнал со плакнење на желудникот на покојниот Ангелевски – објавува Нова Македонија.

Во натписот во дневниот весник стои дека Истражните органи сѐ уште не кажуваат кои се причините за смртта на шеесетгодишниот битолчанец. По завчерашното распитување на вработените што биле на смена ноќта кога Ангелевски бил примен во Службата за ургентна медицина, познати биле само неколку пикантерии за пропустите и за грешките што биле направени во Клиничката болница во Битола при лекувањето и третманот на Ангелевски.

На прашањето како се нашла меѓу инфузиските раствори тубата полна со средство за дезинфекција „дезинтал“, хигиеничарката одговорила дека таа по грешка ја ставила тубата таму, иако во другите случаи тубите со средствата за дезинфекција на подот во службата ги чувала на друго место. Својата одговорност за грешката од своите плеќи ја симнувал и транспортерот, кој тврдел дека тој не можел да знае ниту пак да претпостави дека на местото каде што стојат инфузиските раствори стоела тубата за дезинфекција на подот.

Според извори на „Нова Македонија“, во Клиничката болница во Битола во тек е дисциплинска постапка за утврдување на одговорноста на вработените во Службата за ургентна медицина што критичниот ден го примиле на лекување покојниот и кои, наместо инфузиски раствор за плакнење на желудникот, му дале средство за дезинфекција „дезинтал“, со кое во службата се дезинфицирал подот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top