| четврток, 6 декември 2018 |

Катанец за секоја четврта приватна банка во Швајцарија

Секоја четврта приватна банка во Швајцарија ќе биде згасната во наредните три години, се наведува во заедничката студија на мрежата на независни компании КПМГ и Универзитетот Сен Гал.

Приватните банки во Швајцарја во 2012 година во просек привлекле за четири отсто поголем капитал во однос на претходната година, благодарение на добрите финансиски пласмани. Но, според проценката на експертите секоја четврта приватна банка, би можела да престане со работа во наредните три години, пренесе швајцарскиот весник 24 часа.

Големите швајцарски банки го прошириле обемот на своите производи и го зголемиле профитот, но ситуацијата е критична за финансиските институции со капитал помал од пет милијарди франци.

Во текот на минатата година згаснати се 13 приватни банки, а со работа продолжиле 148. Според проценките 25 до 30 отсто од нив ќе бидат затворени поради постојан притисок од странство. Половина швајцарски приватни банки во минатата година го намалиле бројот на вработени, а нови работни места отвориле само најголемите банки.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top