Од 18 до 23.30 часот, од утре до недела, на плажата кај Градски парк ќе се одвива првиот турнир во ракомет на песок за жени. Организатори се Град Скопје во соработка со ракометниот клуб Работнички, којшто годинава прославува 65 години од своето постоење, како и Ракометната федерација на Македонија.
Во рамки на турнирот во женска конкуренција, ќе се натпреваруваат 6 младински екипи, и тоа според Бергеровиот систем, секој со секого, а финалистите за првите три награди ќе се борат в недела. Овој турнир, како и првиот машки турнир во ракомет на песок, што се одржа минатиот викенд, е еден вид промоција на нови спортови во Македонија, но спортови коишто се веќе популарни во светот, како што се одбојка на песок, ракомет на песок, фудбал на песок.
РК Работнички за прослава на јубилејот, а по повод 8 Септември, ќе организира уште еден голем спортски настан како што е Големиот сениорски ракометен турнир, којшто ќе има меѓународен карактер. Веќе се пријавени три домашни суперлигашки екипи. Својот 65. роденден РК Работнички ќе го прослави на 23 септември оваа година. Клубот е формиран во далечната 1948 година.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.